Еврокомесарот за индустриска стратегија Стефан Сежурне рече дека на Украина ѝ ја претставил европската верзија на договорот за време на посетата на Киев, каде делегација на Европската комисија ја одбележа третата годишнина од почетокот на сеопфатната руска инвазија.
„Дваесет и еден од 30 критични материјали што ѝ се потребни на Европа може да ги обезбеди Украина, во заемно корисно партнерство“, рече Сежурне, пренесе АФП. Тој, исто така, ја истакна клучната разлика меѓу ЕУ и САД: „Дополнителната вредност што ја нуди Европа е тоа што никогаш нема да бараме договор што не е заемно корисен“.
Трамп е сè поагресивен во своите барања кон Украина кога станува збор за нејзините природни ресурси. Тој бара дури 500 милијарди долари компензација за американската помош за Киев во одбраната од рускиот напад.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски досега одби да потпише два нацрт-договори предложени од администрацијата на Трамп. Според Њујорк Тајмс, овие договори вклучувале Украина да се откаже од правата на минералните ресурси, приходите од нафта и гас и профит од пристаништата и инфраструктурата во вредност од 500 милијарди долари.
„Нема да потпишам нешто за што десет генерации Украинци ќе мора да плаќаат“, рече Зеленски на прес-конференција во неделата. Но, Трамп вчера рече дека „конечниот договор е многу блиску“ и дека ќе вклучува „ретки метали и разни други работи“.
И заменик-премиерката на Украина, Олха Стефанишина, изјави дека Украина и САД се во „завршна фаза“ на преговорите за договор што ќе му овозможи на Вашингтон пристап до украинските минерални ресурси во замена за безбедносни гаранции.
Украина има огромни резерви на клучни суровини, од литиум до титаниум, кои се од суштинско значење за модерната технологија и се многу барани во глобалната трка по ресурси. Исто така, има големи резерви на јаглен, нафта, гас и ураниум, но значителен дел од овие ресурси се наоѓаат на територија под руска контрола.