Во резолуцијата, усвоена во четвртокот со 425 гласа „за“, 131 против и 63 воздржани, се наведува дека без укинување на сегашните ограничувања, Украина не може целосно да го искористи своето право на самоодбрана и останува изложена на напади врз своето население и инфраструктура, соопшти Европскиот парламент.
Парламентот нагласува дека недоволното снабдување со муниција и ограничувањата за негова употреба ризикуваат да ги неутрализираат ефектите од претходните напори за помош на Украина и жали за намалениот обем на билатерална воена помош од земјите на ЕУ.
Европратениците го повторија својот повик до земјите-членки да ја исполнат својата заложба од март 2023 година да достават еден милион парчиња муниција во Украина и да ја забрзаат испораката на оружје, системите за противвоздушна одбрана и муниција, вклучувајќи ги и ракетите ТАУРУС. Тие, исто така, го повторуваат својот став дека сите земји од ЕУ и сојузниците на НАТО треба колективно и поединечно да се обврзат на годишна воена поддршка за Украина во износ не помал од 0,25 отсто од нивниот БДП.
Резолуцијата, усвоена оваа недела на пленарна седница во Стразбур, ги повикува земјите-членки на ЕУ да ја задржат и да ја прошират политиката на санкции на Советот против Русија, Белорусија и земјите кои не се членки на ЕУ, како и ентитетите кои ја снабдуваат Русија со воени технологии и технологии со двојна употреба.
Пратениците ја осудуваат неодамнешната испорака на балистички ракети од Иран во Русија и повикуваат на зголемени санкции против Техеран и Северна Кореја поради нивната вмешаност во поддршката на руската војна против Украина. Тие, исто така, сакаат да видат повеќе кинески поединци и субјекти додадени на списокот со санкции на ЕУ, како и построги мерки за систематско справување со избегнувањето санкции од европски компании, трети страни и земји кои не се членки на ЕУ.
Тие ја повикуваат ЕУ и нејзините земји-членки активно да работат на постигнување на најширока можна меѓународна поддршка за Украина и пронаоѓање мирно решение за војната, кое мора да се заснова на целосно почитување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Тие, исто така, сметаат дека одговорноста на Москва за руските воени злосторства, репарации и други плаќања се клучни аспекти на секое решение. За таа цел, пратениците сакаат ЕУ и партнерите истомисленици да воспостават правен режим за запленување на имотот кој е во руска државна сопственост, кои ЕУ ги замрзна како дел од напорите да ѝ се надомести на Украина за огромната штета што ја претрпе, наведува Европскиот Парламентот.