Ректорката Ангелова ја истакнала важноста на енергетската стабилност за редовното функционирање на универзитетот, наведувајќи дека високите сметки за електрична енергија претставуваат значителен финансиски товар. Како и други државни и јавни институции, вклучувајќи ги училиштата, болниците и комуналните претпријатија УКИМ е обврзан да купува електрична енергија на слободниот пазар. Иако се работи за некомерцијални субјекти, над 200 јавни установи моментално плаќаат просечна дневна берзанска цена за струја, што значително ги оптоварува нивните буџети.
Јас ја поздравувам оваа средба бидејќи е корисна од повеќе аспекти, особено проблемот со плаќање потрошена електрична енергија по берзански цени, а УКИМ не е комерцијален субјект, туку научно образовна установа и не работи по пазарни услови.
Но причината да го напишам овој текст е всушност темата за енергетската ефикасност која била во фокус на гореспоменатата средба, но не е кажано дали разговарот се однесувал и за комплексот згради во универзитетскиот кампус кој е изграден во 1974 година со ѕидови од натур-бетон и без топлинска изолација. Тоа се згради со крајно ниска енергетска ефикасност така што се троши огромна топлинска енергија за нивното загревање, а тоа се исто така огромни финансиски трошоци. Иако комплексот згради на УКИМ е приклучен на градската топлификација, често пати во вакви објекти се вклучуваат и дополнителни грејни тела како што се електрични греалки со што се зголемува потрошувачката на електрична енергија. Како добар пример ќе ја спомнам зградата на Машинскиот факултет и ФЕИТ на која пред неколку години беше ставена нова фасада со топлинска изолација.
На Машински факултет – Скопје постои наставен предмет енергетска ефикасност, а делумно ја има во другите предмети од енергетиката. Заради важноста, оваа дисциплина треба да се подигне на повисоко ниво со нови содржини и новитети кои постојано се појавуваат. Исто така, релативно ослабениот наставен кадар таму треба да се зајакне.
Инаку, во градот Скопје има и други згради направени од натур бетон: МОБ (Македонска опера и балет), Народна банка на РМ, Македонски пошти, Градскиот архив, стдентскиот дом „Гоце Делчев“ и др. Јас предлагам сите овие објекти да се реновираат со ставање топлинска изолација на фасадите. Можеби некои архитекти ќе речат дека тие објекти претставуваат архитектонско наследство од минатото и не треба да се интервенира, но јас мислам дека постои начин да се стави топлинска изолација, а завршниот слој на фасадата да се направи како што е сега или нешто слично.
Во РМ е донесен Закон за енергетска ефикасност (2020 г.), како и 4-ти Национален акциски план за енергетска ефикасност (2021 г.). Донесен е Правилник за енергетска карактеристика на зградите и соодветни подзаконски акти. Во Стратегијата за енергетски развој на РМ, како и во Националниот план за енергетска ефикасност е посветено големо внимание на значајно реновирање на постојните згради со посебен акцент на ставање топлинска изолација и прозорци од нова генерација. Беше предвидено да се направи попис на градежните објекти во државата и реновирање на еден отсто од зградите секоја година. Но спроведувањето на плановите е на многу ниско ниво. Затоа, државата треба да изработи и долгорочна стратегија за реновирање на сите стари згради до 2050 година.
Факт е дека најголемиот број објекти изградени во минатото во РМ немаат топлинска изолација на оградувачките површини или таа е недоволна и тоа кај сите згради во станбениот, комерцијалниот и јавниот сектор. А државата треба да дава пример со реновирањето на нејзините згради. Најголемиот број згради (и куќи) за домување треба значително да се реновираат, а за тоа се потребни и финансиски средства кои поголемиот дел од населението ги нема. Државата треба да дава субвенции ва таквите случаи, а треба да се искористат и средства од странски финансиски институции кои даваат голема подршка на проекти за зголемување на енергетската ефикасност.
Поради климатските промени, во цел свет се спроведуваат мерки за зголемување на енергетската ефикасност. Според Парискиот договор од 2015 година треба да се постигне нето нула емисии на стакленички гасови до 2050 година. Според тоа, сите стари згради треба да се реновираат во овој временски период. Во многу земји зградите што се градат денес се со голема енергетска ефикасност со нула потрошувачка на енергија (zero energy building) или блиску до нула, а само мал дел се користи од обновливи извори, најчесто во самиот објект или во близина.
Уште еднаш да повторам, државата има донесено закони, правилници и акциони планови во врска со енергетската ефикасност, но недостасува реализација на тие планови. Во меѓувреме некои од тие документи се застарени и треба да се надополнат со понови и построги критериуми. Како научно истражувачка институција УКИМ треба да има една од водечките улоги во многу активности околу енергетската ефикасност.
Предлагам прва задача: да направи реновирање на зградите на кампусот со ставање топлинска изолација и нова генерација на квалитетни прозорци, како добар пример.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје