недела, 15 декември 2024

Експертите се сомневаат дека поголем број од тетовските надградби би издржале посилен земјотрес

Објавено на

часот

Сподели

Универзитетскиот професор по архитектура Бекир Адеми вели дека надградбите ги има и во високоразвиените држави, но дека тоа е еден обемен и тежок процес кој бара многу знаење, искуство и пред сè лична одговорност. 

„Во законот се вика адаптација и пренамена. На пример, столбовите и гредите се примарна конструкција и логично е дека ѕидовите може да се уриваат. Меѓутоа и не е толку добро да се уриваат тие ѕидови, затоа што и тие се еден добар фактор на објектот како целина при земјотрес. Измените и реновирањата се голем проблем. Не само што ќе се оштетат постоечките ѕидови, туку многу често се случува и конструктивните елементи да се оштетуваат, затоа што нема контрола или изведувачите не ги интересира баш многу. Секој од нас барем еднаш реновирал свој стан и знаеме како тие имаат свој пристап. Треба да се донесе посебен закон за да се контролира целиот тој процес“, вели Адеми.

Никола Антовски, дипломиран градежен инженер, вели дека масовната градба најмногу лежи во помалата инвестиција и нискиот стандард. Од друга страна, потенцира дека со изведбата на ваквите доградби се нарушува постоечкиот комодитет за основниот стандард за живот па така се оптоваруваат постоечките инсталации како водоводната и канализационата мрежа, електрификацијата, просторното уредување и останатото.

„Од градежен аспект доградбата или надградбата го менува веќе изведениот објект од секој аспект и го отповарува. Тоа е дополнителен товар за конструкцијата за која што објектот можеби и не е предвиден да ја издржи па се оди до неговиот лимит на носивост и употребливост. Носивите елементи како носачи, столбови и темели се предвидени за постоечкиот објект и се проектирани за тоа ниво на оптоварување. Со надградбата се дава дополнително оптоварување. Многу помали се интервенциите кога се работи за адаптација на поткровје зошто и новите товари се помали и се отприлика 10 до 15 проценти од тежината на објектот. Доколку се оди на надградба на нови етажи тогаш комплексноста на проектирањето и изведбата на објектот како и неговата експлатација е многу посериозна и можна е потреба на зајакнување на конструктивниот систем“, вели Антовски.

Професорот Адеми е со сличен став околу старите објекти за кои сликовито вели дека си имаат „свој ритам на работа“. При земјотрес, посочува Адеми, објектот треба да биде флексибилен и сите движења, потреси и опасности треба да се пресметаат претходно.

„Значи она што е изречено претходно и според тоа направено, вие го менувате, му го менувате така да кажам кодот. Не дека не може да се менува кодот, но треба многу вештина и знаење. Ние лично сме имале многу такви интервенци, но и ги избегнуваме тие надградби. Тие што сме ги правеле, знам дека биле многу тешки процеси што бараат многу знаење, искуство, пред сè лична одговорност зошто утре никој нема да знае дека заради одреден стан паднала цела зграда. Прво, како луѓе сме одговорни сами пред себе, да мислиме дека и ние може да сме во тој стан“, вели професорот Адеми.

Според инженерот Антовски, не може во проценти или бројки да се каже колку од објектите во Тетово се изградени по стандарди.

„Една од причините е тоа што вакви објекти како доградби и надградби се изведуваа како „дива градба“ која подоцна се легализира само со геодетски елаборат. Овие доградби и наградби немаа никаков доказ во пишана форма за тоа како се проектирани и изведени. Тоа влева голем сомнеж каква е нивната исправност и колку така изградените објекти се опасни. Во таквиот потфат се оставаше на волјата и свеста на инвеститорот за тоа каков објект ќе добие, безбеден или ризичен. Се разбира има и надградби кои се градени со целосна постапка за градба, одобрение за градба и изведба од стручен тим и надзор“, потенцира Антовски.

На прашањето какви се надградбите во поглед на опасноста од рушење при појава на земјотрес, Антовски посочува дека Тетово спаѓа во осма категорија според МЦС скалата што значи дека при земјотрес се очекуваат значителни штети во просечните конструкции со парцијален колапс и во слабо изведените конструкции.

„Самата изведба на доградба или надградба го зголемува ризикот од зголемени деформации на постоечкиот објект при експлоатација, а посебно при појава на земјотрес. Објектите кои се изведени по стандарди и предвидени односно проектирани имаат значително помал ризик за нивен колапс при појава на земјотрес. Кај нив се претпоставува дека се задржани основните параметри при проектирањето на доградби. Кај објектите кои се бесправно изградени немаме јасна слика за тоа колку е зголемен нивниот хазард за колапс при земјотрес, дали во таква ситуација ќе страда само доградбата или можеби целиот објект“, оценува Антовски.

Според него, состојбата со доградбите и надградбите во Тетово е алармантна и она што загрижува е отсуството на институциите кои дозволуваат ваква градба.

„Причини за ваквите градби може да се бараат во повеќе фактори како економски, демографски, нискиот стандард, свеста на населението итн. Повеќе загрижува отсуството на институциите кои дозволија бесправна изградба на објекти кои може да доведат до опасност од рушење при земјотрес. Најмногу загрижува фактот што не се знае точната бројка на објекти на кој е изведена некаква градба и нивниот начин на изведба“, потенцира Антовски.

Прописите и правилниците за надградба или доградба се исти како и за новите објекти. За стекнување на право на градба покрај стандардната процедура потребна е и согласно од 51 процент од станарите за да се почне со процедурата за одобрение за градба. Од градежен аспект најбитно за стабилноста на објектот е градежно-конструктивен проект со сите негови детали за изведба. Во него се дава начинот на изведба на надградбата односно доградбата како и „врската“ на постоечкиот објект со новата доградба. Во градежно-конструктивниот објект се оценува и дали е потребно појачување на постоечкиот објект за соодветно да одговори на новиот систем на надградба и објектот да биде согласно правилниците за градба. Во прилог на контролата за проектираниот објект е и мислењето кое го дава Институтот за земјотресно инженерство кое е задолжително за секоја нова градба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ