Ужасен пораз во источниот град Велика Новосилка, пишува Економист.
Финалната битка за малиот град Велика Новосилка во Донбас се влечеше шест дена, иако исходот беше очигледен многу пред тоа. Работите станаа критични во почетокот на новата година, кога руските трупи ги зазедоа селата веднаш на нејзиниот североисток и запад, притискајќи ги украинските бранители на три страни. До 23 јануари, тесниот коридор до она што стана речиси изолиран џеб стана непрооден. Наредбата за повлекување дојде веднаш штом се спушти маглата. Тоа беше кошмарна задача што требаше да се заврши пеш, под небо исполнето со дронови и преку река. Триумфот на руските пропагандни канали укажува дека многумина не успеале да го постигнат тоа.
Малата победа на Русија во Велика Новосилка (население од само 5.000 пред војната) била по позната шема: немилосрдни пешадиски напади, разорни жртви, уривање на украинската одбрана и нивно евентуално повлекување. Непосредниот фокус на единиците што се бореа таму сега веројатно ќе се префрли назад во Покровск на север, многу поголем логистички центар, кој Русија го напаѓа со различен интензитет во последните шест месеци. Тамошните борби веќе ги натераа Украинците да го напуштат клучниот рудник за јаглен за коксирање – кој претходно обезбедуваше половина од потребите на домашната металуршка индустрија. Руските сили, исто така, напредуваат во близина кон местото на корисни наоѓалишта на литиумска руда.
Планот на Кремљ веројатно зависи од тоа каде може да постигне брз напредок. Минималниот услов за нејзината „специјална воена операција“ се чини дека сè уште е окупирање на целиот регион Донбас (кои ги опфаќа провинциите Луганск и Доњецк), враќање на контролата врз рускиот регион Курск, кој Украина делумно го окупира, и задржување на „копнениот мост“ што го зазеде во раните фази на војната што го поврзува Крим со Русија. Во Курск, Русија допрва треба да ја поврати иницијативата, и покрај тоа што распореди сила дополнета со севернокорејски борци и, со 62.000, е можеби три пати поголема од украинската групација. Во меѓувреме, во Донбас нема да биде лесно истерувањето на Украина од преостанатите градови, кои се добро бранети. Отворените полиња веднаш западно од Покровск и психолошки штетното туркање во регионот Днепропетровск, може да се покажат попримамливи. „Тие ги истражуваат нашите слаби точки“, вели Андриј Чернијак, воено-разузнавачки офицер. „И потоа трупаат сили секаде каде што имаат тактички успех“.
Модерното бојно поле – на кое доминираат беспилотни летала што шпионираат, демнеат и напаѓаат – брзо ја менува природата на борбите. Во Велика Новосилка, на пример, оклопните возила играа минимална улога. „Еден од нашите тенкови се провлече во близина на фронтот“, вели капетанот Иван Секач, офицер од 110-та бригада на Украина, која го брани градот. „Нападнаа десет беспилотни летала и речиси веднаш го запалија“. Борбите наместо тоа ги водеше пешадијата – мали руски групи од тројца, четворица, петмина, испраќани во бранови. Повеќето доживеаја брз и крвав крај. Но некои успеаја да воспостават нови позиции и да ја приближат борбата, принудувајќи ги Украинците да се повлечат.
Руската тактика не е динамична, но на Украина ѝ предизвикува бескрајни маки. Едноставно кажано, Русија има пешадија, а Украина нема. Проблемите со мобилизацијата и дезертерството силно ги погодија резервите на Украина. „Се мачиме да ги замениме загубите на бојното поле“, вели полковникот Павло Федосенко, командант на украинската тактичка групација во Донбас. „Тие можат да фрлат баталјон војници на позиција што ние ја држиме со четири или пет војници“. Бригадите што ја сочинуваат линијата на фронтот во Донбас постојано се недоволно екипирани, под притисок и пукаат. Линијата на фронтот продолжува да се враќа назад. „Ние веќе немаме други тактики освен затнување дупки“, вели „Купол“, име на сега веќе пензиониран командант што до септември водеше бригада што се бореше во источен Донбас. „Ги истураме баталјоните во хаосот и се надеваме дека некако ќе го запреме дробењето“.
Фокусот на светот се префрли на преговорите што допрва треба да се случат; за контрадикторните сигнали од администрацијата на Трамп што еден ден изгледаат позитивно за Украина, а следниот помалку позитивно. За оние што се борат, агендата е помалку апстрактна. Сè додека линијата на фронтот продолжува да се движи, се чини дека Путин нема многу причини за компромис. Русите нема во скоро време да останат без оружје, вели разузнавачот Чернијак. „Тие имаат најмалку една година, можеби две, да продолжат да се борат вака како што се борат. Воено-индустрискиот комплекс останува ‘света крава’ за Кремљ“, продолжува тој, „и ќе биде заштитен од можните економски ветрови, инфлација или санкции. Во меѓувреме се вклучува Северна Кореја со снабдување на работите што фалат, како што се цевки за оружјата и артилериски системи. „Русија покажа дека може да функционира во целосно затворен циклус“.
Три години од нејзината измачувачка борба на исцрпување, сè уште не е јасно дали Русија може да ги претвори своите многубројни тактички придобивки во нешто поголемо – доволно за да се притисне подлабоко зад ослабените украински линии и да предизвика вистинска загриженост. Чернијак вели дека досегашните докази сугерираат дека тоа е малку веројатно. „Ги гледаме нивните резерви, нивните проектили, нивниот оклоп – и тоа не е доволно. Сè уште не.” Капетанот Секач мисли дека можеби имала улога среќата. Во Велика Новосилка, вели тој, руските оклопни колони во повеќе наврати се пробиле и дошле зад украинската одбрана, но без да го сфатат тоа. Загубени и дезориентирани се вратија назад. „Руската армија не ги наградува паметните луѓе, тоа е моето единствено објаснување“, вели тој. „Но не можеме да сметаме дека ќе остане така“.