сабота, 27 јули 2024

Економист: И Србија е еден од Путиновите корисни идиоти во Европа

Објавено на

часот

Сподели

Со изразот од Студената војна „корисни идиоти“ весникот ги опишува владите и луѓето кои од различни причини, но главно од користољубие, на Западот ги промовираат „наративите на Путин и ѝ нанесуваат штета на нападнатата Украина“.

Меѓу членките на ЕУ, весникот како прва ја наведува Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан е најистакнат поддржувач на Путин, бидејќи упорно го критикува Западот поради помошта на Украина, но и понатаму увезува руска нафта и забранува преку територијата на неговата земја да се транспортира помошта за Киев.

На второ место, според весникот, е Австрија која се повикува на неутралност, тврди дека е мост меѓу Истокот и Западот и нуди многу малку помош на Украина, а чија надворешнотрговска размена со Русија во последно време цвета.

Уште една членка на ЕУ, Грција, се усогласи со санкциите на Брисел против Русија, но одби да го ограничи транспортот на руската нафта кој е многу профитабилен за грчките компании.

Економист пишува дека Кипар, како офшор рај, дури по силниот притисок од Соединетите Американски Држави се согласил да замрзне околу 40.000 руски сметки.

Како нечленки кои не трпат толкав притисок, Турција и Србија дури не се обидуваат ни да ги скријат лукративните можности кои ѝ ги нудат на Русија да ги заобиколи санкциите.

Во текстот се прозвани и Швајцарија и Шведска.

Швајцарија, исто така повикувајќи се на неутралност, ја блокира испораката на своето оружје на Украина и од трети земји, но истовремено продолжува да купува руско злато.

Стокхолм од своја страна со дозволата на судот на протест да се запали Куранот го предизвика гневот на Анкара и ветото на Турција за влегување на Шведска во НАТО, а воено и саркастични коментари на Путин.

Британскиот весник укажува дека во Европа партиите од екстремната десница и екстремната левица, кои инаку во многу нешта се разликуваат, често се единствени во барањето веднаш да се воспостави мир во Украина, макар тоа значело „дека руската агресија би била наградена со освоените и окупирани територии“ и да ѝ се даде зелено светло на Русија со војна да ја шири својата територија.

Се оценува дека таквите европски екстремни десничари и левичари и „интелектуалната“ опозиција ги обединува длабокиот антиамериканизам од Студената војна, а со различни теории на заговор нивниот главен аргумент е дека ЕУ издвојува премногу пари за помош на Украина.

Наративите на таквите партии и поединци се многу слични, а главно се сведуваат на тоа дека НАТО го испровоцира нападот на Русија, дека Украина е вештачка творба која ѝ припаѓа на Русија, и дека САД намерно долеваат масло на огнот за да продаваат оружје и да ја зачуваат својата светска хегемонија.

Весникот како пример наведува дека во таквите ставови се единствени лидерката на екстремната десница во Франција Мари ле Пен, потпретседателот на италијанската влада Матео Салвини и лидерите на германската крајно десничарска Алтернатива за Германија, но и германската партија Левица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ