четврток, 23 јануари 2025

Егон Савин: Вечните реплики во „Народен пратеник“ ќе нè потсетат дека вистината денес е загрозена

„Светот на ‘Народниот пратеник’ е опасен, склон е на интриги, лага, манипулација. Јавното мислење се формира главно на лаги. Но, денес лагите станаа секојдневие. Да се гледаат какви било вести на телевизија е исто како да се гледа забавна емисија, бидејќи тие се полни со лаги. Има толку многу манипулација со здравиот разум. Нашите времиња се опасни, знаат да ја доведат заедницата до војна, до омраза, а тоа кај Нушиќ го нема. Кај него има сатирата затоа што пред сé бил патриот“, вели исклучителниот српски режисер Егон Савин пред новата премиера на комедија Народен пратеник во МНТ. Вечните реплики на „Пратеникот“ ќе нè потсетат дека вистината денес е загрозена, затоа тој е со своите студенти на протестите во Белград и продолжува да работи во театар, затоа што тој останува да го преиспитува општеството и да поставува морална вертикала. Бидејќи, смета дека денес дури и да нема цензура во театарот затоа што театарската публика не е гласачко тело на власта или од таа публика да зависи која било партија. И не само во Србија, туку и низ регионот.

Објавено на

часот

Сподели

„Народен пратеник“ на Бранислав Нушиќ е култен текст за репертоарот на МНТ. Ова е негово трето поставување и следува по 16 години (последната негова поставка е на Димитрије Османли и се одигра 188 пати-нз.). Како се чувствувате пред премиера?

– Во театар секогаш е возбудливо пред премиера. Да се работи Нушиќ е како најава за значајна прослава, добар провод, исклучително случување. Го сакам Нушиќ и многу сум го работел. Но, не баш неговите комедии затоа што секогаш имам страв кога се поставуваат комедии, во нив глумците ви „бегаат“. Тие толку сакаат да го играат Нушиќ и сакаат да го надградуваат, да импровизираат и по неколку репризи, тие веќе не ја играат вашата режија, туку додаваат по нешто, а во тие додавања има и прекрасни работи ама има и по некое банализирање, бизарни нешта. Актерите се склони и на тоа. Но, со овој ансамбл, сé оди толку прецизно, во минута. Ќе биде големо изненадување кога ќе дојде публиката.

Како функционира „Народниот пратеник“ денес? Како го доживувате ова поставување во Скопје, знаејќи ги неговите теми, лажниот патриотизам, паланечка примитивност, политичка неписменост и актуелните случувања во регионот, вклучувајќи ја и Србија?

– Не може да биде по актуелен од овој момент сега. Текстот е толку универзален, а мислам дека ќе биде актуелен онолку колку што ќе постои театарот. Тој ќе биде круна на комедискиот репертоар.

Ќе ја поставам работата малку пошироко. Српската комедиографија во распон од Стерија Поповиќ  до Александар Поповиќ, Душан Ковачевиќ е навистина репрезентативна во европски размери, но Нушиќ меѓу нив е единствен генијалец. Неговите реплики не се живи, туку се вечни. Неговите реплики се како народни поговорки, како умотворби. Затоа е очигледна одговорност и проблем да го поставиш на сцена и на одреден начин да бидеш исто така генијален во тоа. Неговата големина се едначи со имињата на како Шекспир, Молиер, Гогољ.

Но, би направил жанровска разлика со случувањата во реалноста, во регионот, а конкретно и во Србија. Случувањата во Србија се драматични, нема ништо комично кај нив. Тоа е една многу опасна ситуација, на која веќе сите ние навикнавме, и во Србија, Македонија, Босна. Балканот е просто лонец кој врие.

Превирањата се дел од секојдневието. И тука веќе не е во прашање хуманата смешност, духовитоста, таа комична добронамерност, и покрај тоа што Нушиќ  ја има и сатиричната острица. Да, Нушиќ како сатиричар, лежел и во затвор токму за своите песни за Обреновиќ, така што неговиот „убод“ е опасен ама тоа никогаш не оди со горчина, туку секогаш го слави хуморот. И самиот говорел дека му е најважно на тмурното небо, во турбулентното време во кое живеел, да верува во театарот како доза на ведрина. И навистина кај него има едно олеснувачко смеење, духовитост која облагородува, хумор кој опоменува, кој вреднува, преиспитува, но не навредува.

Дали денешните заплети може да завршат среќно како во „Пратеникот“?

– Неговиот свет е опасен, склон е на интриги, лага, манипулација. Јавното мислење се формира главно на лаги. Така што и ние живееме во едно време на лаги. Но, денес лагите станаа секојдневие. Да се гледаат какви било вести на телевизија е исто како да се гледа забавна емисија бидејќи тие се полни со лаги. Има толку многу манипулација со здравиот разум. Нашите времиња се опасни, знаат да ја доведат заедницата до војна, до омраза, а тоа кај Нушиќ го нема. Кај него има сатирата затоа што пред сé бил патриот.

Театарската публика не е гласачко тело на власта

Работите со студенти, оние најчувствителните на кои останува светот. Во овој пејзаж на Балканот колку им е ним далеку светот, иако нели со клик се дел од него?

– Студентите си го зедоа животот во своите раце. Мојата генерација, ние нешто наследуваме и живеевме во нешто што е наследство од претходните генерации, и во добрa и во лоша смисла. Пред извесно време се случи некој прекин на континуитетот. Се занурка во некаква нетрпеливост, особено со политички предзнак. И овој народен бунт е сосема спонтан. Лага е дека некои странски служби го потпомагаат сето ова. Дури власта не е во состојба да измисли нешто ново, туку ги користат оние фрази од комунистичкото време „внатрешен и надворешен непријател“. И младите луѓе почувствуваа дека веќе немаат никаква шанса. И тоа е така. Факт.

И во театарот е така. Моите студенти не можат да дојдат во ситуација да работат онака како што јас можев да работам кога завршив факултет. Некогаш имаше простор за младите луѓе. Имаше простор за секој што е талентиран и вреден. Имаше многу неформални трупи во Белград. Театрите имаа неспоредливо повеќе премиери отколку денес.

Пред околу десетина години завладеа еден вид на очај, не само кај младите луѓе туку и кај нас, кои работиме со младите луѓе затоа што гледаме дека тие веќе немаат шанса да се афирмираат себе, својот талент, да заработат и од тие пари да живеат. Сето тоа стана невозможно. Ова е еден момент кој мораше да дојде. Ова е момент кога работата ја премина границата и младите луѓе ја презедоа иницијативата. Интересно е. Јас на вакво нешто не се сеќавам.

Неродениот бунт секогаш го предводела или опозицијата или тоа биле зрели луѓе. Младите секогаш биле помалку заинтересирани за политички прашања и за случувањата во општеството во целост. Но, денес тие се баш чувствителни, особено за сè што прави власта. А, власта се изгуби во сета корупција, богатење, тие веќе немаат мерка, не знаат каде живеат и изгубија контакт со реалноста. И сето тоа ја изнесе оваа генерација на улица. И додека нешто не се промени со социјалното прашање, прашањето на правосудството односно казнување на корупцијата и останувањето на оваа власт на власт, мислам дека младите нема да се откажат, затоа е битно да се обезбедат праведни избори, па натаму ќе видиме.

Задоволни се оние кои имаат некаков интерес, а тоа се луѓе кои се блиски на власта. И затоа секој кој има лични причини и мотив треба да излезе на улица. Ова не може да остане само на студентите.  А јас сум пешак, и сум на улица, но во овој момент кога моите студенти се на улица јас сум со нив.

Каде е тука моќта на театарот?

– Театарот не може да го менува светот. Може да го преиспитува, да го дефинира. Да укаже на аморалните појави во општеството. Ако зборувам за добриот театар тој поставува некаква морална вертикала. Уметничкиот театар секогаш укажувал на недостатоците на средината, на мааните на поединецот. Во моментов не гледам некои појави кои битно се разликуваат од некое друго време. Да, некогаш имало помала или поголема контрола од власта.

Во минатото театарот имал важно место во општеството, па тогаш и контролата од власта била поостраДенес дури и да нема цензура во театарот затоа што театарската публика не е гласачко тело на власта или од таа публика да зависи која било партија. И не само во Србија, туку низ регионот. Да им беше важен театарот како што некогаш бил во Античка Грција, ние сите би биле во затвор. Театарот би бил под клуч. (се смее-нз.)

Но, ние работиме, се играат тие претстави критички, остри, духовити, но власта не ја интересира, целната група е мала и власта нема интерес со нив да се бави. Се разбира се трудат и да вложуваат се помалку и помалку, така што изгледа на крај ќе правиме претстави од стап и коноп.

Телевизијата денес служи за производство на лага

Очигледно појавите на Балканот се прелеваат и наликуваат една на друга. Но, како Ви изгледа светот надвор од нашиот полуостров? Во каков свет живееме?

– Јас одамна се трудам да живеам опколен со убави работи. А под убави работи подразбирам книги, повторно книги, па музика, духовно богати луѓе и театар. Театарот е привилегија и можност за сите нас кои се бавиме со него, затоа што тој успева да нѝ го исполни целиот ден. Немам ниту желба, ниту потреба по проба или претстава да вклучам телевизор, затоа што кога ќе прошетам по улица веќе сè ми е јасно.

Телевизијата денес служи за производство на лага. Таа служи за да ве дезинформира, односно да ве информира во насока на политичкиот интерес на оние луѓе во чија сопственост е таа телевизиска станица. Но, јас ќе кажам дека имам одредена резерва и кон опозицијата затоа што и меѓу опозиционерите има премногу имотни луѓе. Не можам да верувам дека така добро може да се живее застапувајќи ја честа, моралот и вистината. Не може. И тоа е манипулација, но со една поинаква целна група.

Јас политиката и политичарите буквално ги презирам. Не гледам телевизија или ако се погодам пред ТВ менувам програми на Animal planet, History channel. Не можам да ги гледам тие физиономии.

А оваа дигитализација која ја живееме, како таа Ви изгледа? Таа ни се случува тука, наспроти театарот.

– Не може ниту една мртва слика, да го замени живиот миг. Тоа се две сосема различни работи. И тоа се различни доживувања. Интензитетот, интеракцијата меѓу сцената и публиката, па тоа не може да се замени, освен со жив музички концерт. Сите уметности во суштина тежнеат кон состојбата која ја донесува музиката. Ние кои работиме во театар подразбираме интензивна комуникација. Денес има многу театарски експерименти кои одат кон некаква херметичка авангарда која публиката и не ја разбира. Па тогаш и се подразбира дека не може таа да ужива, бидејќи и не ја разбира.

Има се повеќе такви претстави, по кои навистина не знам што сум гледал. Не, не зборувам за тоа, туку за театар кој е меинстрим, кој е препознатлив, кој е базиран на литература. И се разбира перфекцијата во изведувањето, тоа е тоа што нé прогонува. Перфекција во која публиката ужива.

Слушајќи Ве, се прашувам дали вистината е загрозена? Каде да ја најдеме?

Да, загрозена е. И вистината е во книгите и во здравите и нормални луѓе. За мене величествени се средбите со луѓето, како и средбите со книгите или со музиката. Мене ми се чини дека величината на животното искуство е искуството кое е стекнато низ литературата и низ уметноста. Зошто? Затоа што, кога ќе го прочитате кој било роман на Достоевски вие осознавате сé за човековата психа, вам не ви треба аналитичар или некој кој ќе ви каже кои се одредени луѓе или што се и кои се нивните проблеми или цели.

Тоа го имате и во секоја приказна на Чехов. Таму го имате животот на куб. Ја имате есенцијата на животот. И не може да го запознаете животот само преку живот. Тој се запознава преку делата на генијалните луѓе.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ