среда, 12 март 2025

Еди Рама во Минхен: „Во Европа без Русите сме 700 милиони“

Во неделата во Минхен во рамките на Конференцијата за безбедност се одржа и панел-дискусија за ситуацијата на Балканот и „забрзувањето“ на процесот на проширување на Европската Унија. Кои беа главните пораки?, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како ќе изгледа идната политика за проширување на ЕУ во атмосферата на безбедносни и економски ризици со кои моментално се соочува Европа? Дали конечно ќе се постигне значителен напредок во интеграцијата на балканските земји за време на мандатот на новата Комисија на ЕУ? Кои земји се најблиску до членство во ЕУ? И како можат да придонесат за стабилизација на ЕУ?

Ова е дел од прашањата за кои се дискутираше на панел-дискусијата во која учествуваа Марта Кос (ЕУ-комесарка за проширување), Еди Рама (премиер на Албанија) и Христијан Мицкоски (премиер на Македонија), модерирана од Мајда Руге од берлинскиот институт Европски совет за надворешни односи (ЕЦФР).

Кос: „Треба да правиме разлика помеѓу техничкиот и политичкиот дел на процесот“

Словенечката комесарка Кос нагласи дека денес на темпото на пристапување влијаат геополитичките фактори и дека ситуацијата е променета во однос на времето кога нејзината земја влегуваше во ЕУ: „Тогаш беше јасно – ако една земја ги почитува критериумите, влегува во ЕУ“. Подоцна стана покомплицирано. А денес е уште покомплицирано поради дисруптивните надворешни сили, кои би сакале да пропаднеме“.

Приоритет не е само проширувањето, туку пред сѐ обединувањето на Европа, додаде Кос: „Им се враќаме на нашите корени“. ЕУ е основана за да ги зачува мирот, слободата, безбедноста и просперитетот. Сега се фокусираме на безбедноста и мирот. Проширувањето може да биде најважниот политички елемент на безбедносните гаранции. Постои причина зошто земјите (во регионот, н.з.) сакаат да станат дел од ЕУ, а не од САД.“

ЕУ го забрзува процесот на проширување, како што може да се види на примерот на Украина, а Унијата во моментов работи на ова прашање „два или три пати побрзо“ од претходно, додаде Кос, но, како што забележа таа, треба да се прави разлика помеѓу техничкиот и политичкиот дел на процесот.

„Што се однесува на техничкиот дел, преговорите со Албанија или Црна Гора би можеле да ги завршиме до крајот на 2026 или 2027 година. Но тука е и политичкиот дел, што значи дека ништо не може да се случи против волјата на земјите-членки. ЕУ може да ги внесе земјите кандидати во Унијата, а не во САД.“

Рама: На Европа ѝ требаше добро да ја протресат

Крајот на 2026 година звучи амбициозно, но дали тоа е воопшто реално? Албанскиот премиер Рама е скептичен и се сеќава дека секој поглед во огледалото го потсетува на тоа колку долго трае ова: „Кога го започнавме овој процес, имав црна коса и уредна брада“.

Рама се осврна на главната тема на Минхенската конференција и пораките од САД до Европејците. Албанскиот премиер смета дека добра работа се случила во баварската метропола и дека на Европа ѝ треба добро „да ја протресат“.

Рама смета дека промените во ЕУ се случуваат премногу бавно и дека ги има премалку. Тој го гледа Западен Балкан како област на големи можности за западноевропските компании и се залага за брз пристап на балканските земји до заедничкиот пазар на ЕУ. Почитувањето на сите критериуми треба да биде основа за стекнување право на глас во Европскиот совет, вели Рама, но и пред тоа треба да се овозможи пристап до заедничкиот пазар на ЕУ:

„Нас во Европа, без Русите, нѐ има 700 милиони. Тоа е огромен пазар. Погледнете што се случи во Полска, Чешка, Словачка кога влегоа – тие инвестираа многу, но и заработија, а потоа таа дивиденда ја внесоа во ЕУ.“ Европа мора да се промени или ќе исчезне, рече Рама, цитирајќи го Марио Драги и неговиот извештај за состојбата на Унијата.

„Парадоксот за кој никој не зборува“

Еден дел од панелот беше посветен на актуелната безбедносна и економска ситуација во ЕУ и можните ефекти од американското повлекување од Европа – доколку тоа навистина се случи. Во овој контекст, албанскиот премиер Рама зборуваше за, како што рече, „еден парадокс“ за кој, според него, никој не зборува.

„Сега сите велат дека треба да ги зголемиме инвестициите во одбраната, мораме ова, мораме она во врска со одбраната. Океј, добро. Но каде е одговорот на прашањето: како ќе го финансираме тоа? Другите големи играчи што инвестираат во војската имаат солидни стапки на економски раст. Европа ги нема. Каде ќе ги најдеме парите што ни требаат?“, праша Рама.

Според него, клучот за сѐ е ЕУ повторно да стане конкурентна. Унијата секако мора да биде посилна воено, но мора да биде и економски посилна, рече Рама. Тој ги критикуваше комплицираните регулативи на ЕУ и додаде: „Америка ја измисли вештачката интелигенција, Кина ја копираше, а Европа ја регулираше иако воопшто и ја нема“.

Во текот на 45-минутниот панел, учесниците не се осврнаа на актуелната ситуација во Србија, поточно на студентските блокади и протести, кои се проширија низ целата земја, ниту на можните сценарија за тоа како навистина ќе изгледа безбедносната ситуација во регионот доколку САД, како највлијателна политичка сила на Балканот, навистина се повлечат.

Лашет: „Најдобро преку соработка со ЕУ“

Дали тоа автоматски значи зајакнување на руското влијание на Балканот?

Армин Лашет, поранешниот кандидат за канцелар на ЦДУ, за ДВ вели: „Не, не ја гледам таа опасност. Има многу сили на Балканот што сакаат во ЕУ, кон Запад, кон Европа. Станува збор и за членки на НАТО. Но вистината е дека навистина треба да видиме како влијанието на Русија да не стане преголемо, и тоа најдобро од сè преку понуди за соработка – значи преку соработка со Европската Унија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ