четврток, 30 јануари 2025

ДЗР: Дел од пацинетите на Клиниката за дерматологија располагале со лекови со поминат рок

Слабости во управувањето со лековите за ретки болести, финансиското управување и недостиг на ефикасност во реализацијата на договорените здравствени услуги се утврдени со ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на ЈЗУ Универзитетска клиника за дерматологија. Во текот на ревизијата направен е попис и побарани се податоци од пациентите за видот и количината на лекови кои ги имаат подигнато од клиниката, а поради природата на болеста ги немаат потрошено. Притоа е утврдено дека пациентите располагаат со лекови во вредност од 31.748 илјади денари, од кои 39 отсто се лекови со поминат рок.

Објавено на

часот

Сподели

„Изразено е неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година за сметката за средства од фондот 737, додека за сметката за сопствени приходи 531 изразено е мислење без резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година“, пишува во соопштението.

Утврдени се повеќе слабости кои се однесуваат на управувањето со лековите за ретки болести во Клиниката. Потребните лекови од добавувачите преку програмата за ретки болести ги набавува и нарачува Министерството за здравство, каде е воспоставен и електронски регистар за нивно евидентирање. Утврдено е дека нема сметководствена евиденција на примените и потрошените лекови за ретки болести и не е направен попис за нив. Во текот на 2023 година примени се лекови во износ од 37.434 илјади денари, а во интерните рачни евиденции на клиниката се прикажани издадени лекови во износ од 27.394 илјади денари што е помалку за 8.843 илјади денари во однос на евидентираните во регистарот.

Во текот на ревизијата направен е попис и побарани се податоци од пациентите за видот и количината на лекови кои ги имаат подигнато од клиниката, а поради природата на болеста ги немаат потрошено. Притоа е утврдено дека пациентите располагаат со лекови во вредност од 31.748 илјади денари, од кои 39 отсто се лекови со поминат рок.

Фондот одобрил условен надоместок за 2023 година на клиниката за набавка на апарати и специфични лекови во износ од 13.000 илјади денари. Утврдено е дека потребата за оваа набавка не е резултат на доставени предлози од страна на стручниот колегиум. Притоа набавени се два ласери во вредност од 9.995 илјади денари, кои до денот на ревизијата не се ставени во употреба. Исто така за вршење на дополнителни услуги со нив не е добиена согласност на ценовникот од страна на министерството, особено што поголем дел од услугите кои може да се вршат со овие апарати се од естетска и козметолошка природа и не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување.

Во рамки на спроведената ревизија истакнато е клучно прашање во врска со неисполнувањето на законските обврски за обезбедување вистинско и ефикасно купување на здравствени услуги, како што е предвидено во Законот за здравствено осигурување.

„Согласно член 69 од Законот за здравствено осигурување, Фондот за здравствено осигурување има обврска да обезбеди средства за купување на здравствени услуги од јавните здравствени установи (ЈЗУ), со договорен надоместок утврден според критериумите на одлуката за утврдување на буџетот на здравствените установи. Фондот е исто така задолжен да обезбеди средства за целосно функционирање на тие ЈЗУ кои не можат да остварат доволен обем на услуги во рамките на договорениот надоместок, во кој спаѓа и клиниката“, се вели во соопштението.

Во 2023 година обемот на услуги се намалил во споредба со 2022 година, додека договорниот надоместок бил зголемен.

Податоците од системот „Мој Термин“ покажуваат дека услугите на клиниката ги користат помал број на пациенти и се реализирани значително помалку услуги од планираните термини и расположливите капацитети.

„Во делот на останати прашања е известено за Националниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење и Централниот систем за регистрација на работното време при Министерството, кои не се воспоставени во целост, како и за ненаплатените побарувања од Министерството за здравство за извршени здравствени услуги по програми за здравствена заштита во износ од 1.319 илјади денари, чија наплата е неизвесна“, се наведува во соопштението од ДЗР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ