петок, 18 октомври 2024
Трамповиот избор за потпретседател

Џеј Ди Венс го обожава Орбан, мисли дека Германија е „идиотска“, а Британија „исламистичка“ земја

Џеј Ди Венс, новоименуваниот потпретседател на бившиот американски претседател Доналд Трамп, има да каже многу работи за Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како поборник за изолационизам на САД и жесток критичар на помошта за Украина, номинацијата на 39-годишниот сенатор од Охајо предизвика паника меѓу дипломатите преку Атлантикот.

Но што може да значи потенцијалниот потпретседател Венс за Европа? Од „идиотската“ Германија до „исламистичката“ Велика Британија, Политико копа по она што сенаторот досега го кажал за Стариот континент.

За ЕУ

Венс остро го критикуваше Брисел поради неговата одлука да им ги секне парите на Унгарија и Полска поради проблеми со демократијата и владеењето на правото.

„Знаете, ЕУ ѝ секна милијарди долари ветена помош на Унгарија, поради нејзините ставови за Украина. Грабна милијарди долари ветена помош од претходната влада во Полска, поради ставовите на конзервативната полска влада“, рече тој во интервју во февруари.

„Тоа не е поредок заснован на правила. Тоа е Европа, од Брисел и Берлин, која му наметнува либерални империјалистички ставови на остатокот од континентот“.

За Унгарија

Слично како Трамп, Венс зборуваше со почит кон унгарскиот премиер Виктор Орбан и предложи да се ископираат неговите идеи за социјалната политика.

„Во Орбановата Унгарија, тие им нудат кредити на нововенчаните парови што во одреден момент подоцна им ги простуваат ако тие парови навистина останале заедно и имале деца. Зошто не можеме тоа да го направиме овде? Зошто всушност не можеме да промовираме формирање семејство?“, рече тој за еден конзервативен институт во 2021 година.

Венс, исто така, повика на „девоукизација“ (de-woke-ification) на училиштата и го наведе Орбан како инспирација на еден десничарски поткаст минатиот септември.

„Што треба да правите вие во Министерството за образование? Па, треба да го правите она што го направи Виктор Орбан во Унгарија, што во основа вели: ‘Веќе не ви е дозволено да ја предавате критичката расна теорија, повеќе не смеете да ја предавате критичката родова теорија… Не смеете да ги правите тие работи и да добивате макар и долар федерални пари или долар државни пари’“.

За Полска

Венс го критикуваше Доналд Туск откако полскиот премиер ги критикуваше републиканците дека ја блокираат американската помош за Украина во февруари оваа година.

„Новиот лидер на Полска ги апси политичките противници и на мојата дарежливост ѝ ја должи безбедноста на својата земја“, напиша Венс во објава на социјалните мрежи. „Тој би можел да покаже благодарност или барем да ги ублажи сопствените авторитарни импулси“.

Ја повика администрацијата на Бајден да одговори на реформите на владата на Туск во државните медиуми за чистење на лојалистите инсталирани од претходната конзервативна влада.

„Ве повикувам да ја охрабрите новата полска влада да ги преиспита сите активности што би можеле да ја поткопаат или слободите што и полските и американските граѓани ги ценат“, рече тој во јануари.

Полските безбедносни грижи во врска со руската агресија беа напумпани, рече Венс во интервју за Си-ен-ен минатиот декември.

„Идејата дека (Путин) може да тргне во марш на Полска или Берлин е глупава“, рече тој.

За Германија

Војската на Берлин е бескорисна, а нејзината енергетска политика е „идиотска“, според Венс.

„Постапувањето на Германија во оваа војна е срамно и за нашите гласачи е навредливо тоа што премногу републиканци се согласуваат со тоа. Сите нивни ветувања се претворија во ѓубре“, беснееше тој на социјалните мрежи во март минатата година, вели Политико.

„Зошто американските даночни обврзници ја субвенционираат идиотската германска енергетска политика и слабата одбранбена политика? Мистерија.”

Венс повторно ги нападна одбранбените капацитети на Германија во есеј за Фајненшл тајмс во февруари.

„Германија секоја година троши значително повеќе од Франција за одбрана, но нема нешто многу да покаже од тоа. Француската армија содржи шест високоспособни бригади за комбинирано оружје… но Бундесверот едвај може да состави една бригада подготвена за борба“, рече тој.

„Германија е најважната економија во Европа, но таа се потпира на увезена енергија и позајмена воена сила“.

Венс во интервју во февруари ја коментираше и зголемената популарност на екстремната десница во Германија, тврдејќи дека на „АфД ѝ оди добро“ поради „зголемениот отпор кон масовната миграција“.

За Британија

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами го вбројува Венс меѓу своите пријатели, но тоа не го спречи американскиот сенатор да ја критикува Велика Британија како „исламистичка земја“.

„Морам да ја нападнам Велика Британија, само уште една работа. Неодамна разговарав со еден пријател и зборувавме дека, знаете, една од големите опасности во светот, се разбира, е ширењето на нуклеарното оружје“, рече тој на една конзервативна конференција минатата недела.

„И јас зборував за, знаете, која е првата навистина исламистичка земја што ќе добие нуклеарно оружје, и рековме, можеби тоа е Иран, знаете, можеби Пакистан веќе некако е тука, а потоа конечно заклучивме дека можеби тоа е всушност Велика Британија, бидејќи лабуристите штотуку ја презедоа власта“.

За Италија

Дури ни екстремнодесничарската италијанска премиерка Џорџа Мелони не го избегна Венсовиот гнев.

„Победата на Мелони во Италија во голема мера беше отфрлање на имиграциската политика во Брисел. А сепак, таа е комплетна катастрофа кога станува збор за намалување на миграцијата во Италија“, рече Венс во интервју во февруари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ