среда, 25 декември 2024

Две автентични толкувања на Законот за надворешни работи усвоени во Собранието – амбасадорите задолжително да ги престстават тезите пред пратениците

Собранието денеска, во рамки на 27. седница, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата и усвои четири одлуки: за разрешување на член на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, за изменување на Одлуката за именување претседател, потпретседател, членови и заменици-членови на Националниот совет за евроинтеграции, за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Северна Македонија, како и за изменување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламенти на други држави.

Објавено на

часот

Сподели

Пратениците усвоија и две автентични толкувања, на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи и на член 45 став (4) од Законот за надворешни работи.

За збор се јави Оливер Спасовски од СДСМ кој оцени дека со автентичното толкување на член 45 став (4) од Законот за надворешни работи се сака на „мала врата“ да се создаде нов услов за разрешување амбасадори.

„Автентичното толкување не може да служи за измени на законските решенија. Сметам дека ова што се прави со членот 45, за отповикување на амбасадорите, и тоа што е доставено како мислење од Владата до Собранието за член 45, воопшто не може да се стави во ниту една од уставните норми зашто таму е децидно наведено, во членот 45, кои се основите за отповикување на кој било амбасадор. Ако тие основи се исполнат, тогаш се отповикува амбасадорот. Според Уставот, во член 84 е предвидено претседателот на државата, покрај другите надлежности, да ги поставува и отповикува со указ амбасадорите во странство. И ставот 3 во член 45 е многу јасен, дека претседателот ќе го отповика амбасадорот ако се исполни еден од трите услови, а иницијатива за отповикување може да покрене и Владата. Сега, со ова, ние велиме, не мора да се исполни ниту еден од условите, а Владата или министрите може да предложат промена на кој било амбасадор. Навлегуваме во рушење на тој поредок и создаваме правна несигурност“, истакна Спасовски.

На тоа реплицираше Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е предлагач на двете автентични толкувања. Како што објасни Стојановски, со автентичните толкувања не се бара ништо плус, туку се допрецизираат членови и ставови.

„Јас сум предлагач на двете автентични толкувања, а со нив не се бара нова можност, туку да се допрецизираат одредби. Ова подразбира дека покрај претходните услови за отповикување на амбасадорите од претседателот, иницијатива за отповикување на амбасадорот може да покрене и Владата на барање на министерот. Претходните години имаше директно прекршување на законот и силеџиство, без да се помине филтерот во Собрание. Се срамиме какви луѓе праќавте во светот да ја претставуваат државата“, рече Стојановски.

Во дебатата за автентичното толкување на членот 39 од Законот за надворешни работи, се вклучи и пратеникот Антонио Милошоски, кој смета дека , непретставувањето на тезите во Собранието пред упатување на амбасадор, претставува прекршување на законските одредби.

„ По однос на Законот за надворешни работи, непретставувањето на тезите во Собранието пред упатување на амбасадор, според членот 39 е прекршување на законските одредби. Тоа е неисполнување на една замислена законска целина, за еден човек да ги помине тие фази и да стане амбасадор. Не може да се каже дека со прескокнување на оваа фаза, амабасадорт бил упатен законито. И ако амбасадорот не го почитува Собранието, тогаш и него во земјата на приемот нема да го почитуваат како што заслужува еден амбасадор. Земете го примерот на професорот Љубомир Фрчковски. Не го почитуваше Собранието, замина за амбасадор и сега гледате дека се враќа од Обединетите Нации со сериозни индикации за финансиски злоупотреби. Тој не ја почитува ниту самата институција МНР. Да не зборуваме за неговото упатување во ОН, откако од Вашингтон го прогласија  на некој начин за ‘персона нон грата’. Не можеме со такви кадри, кои не го почитуваат македонското Собрание, да очекуваме Македонија да биде почитувана како земја во дипломатските кругови во ОН или во ЕУ.

Земете го на пример и амбасадорот Андреј Жерновски. Значи човекот кој беше претседател на една политичка партија, па стана член на друга политичка партија само за да ја за задржи функцијата и на крајот не успеа да го испочитува Собранието и да ги претстави тезите тука, пред македонските пратеници, па да замине за Букурешт, туку сметаше дека блискоста со претседателот на државата е доволна за да го прескокне членот 39. Отиде во Букурешт и не го исполни ниту законскиот пропис на земјата-домаќин. Ако сте амбасадор од која било држава во Романија, доколку за вашиот мандат како амбасадор се смени претседателот на државата од која доаѓате, вие треба да доставите нов агреман од новоизбраниот претседател. Тука, во Македонија имавме смена на претседателот на државата, но господинот Жерновски плашејќи се дека нема да добие нов агреман работел во ‘сива зона’ со предадени копии на министерот за надворешни работи, а не предадени оригинали на претседателот на Романија. Затоа сметам дека ваквото непочитување на членот 39 од Законот за надворешни работи, произведува лоши кадри во дипломатијата, коишто си играат политика, како што си играле политика и во Македонија. Но, за жал, тоа не е корисно за Македонија“, рече Милошоски од собраниската говорница.

Десетина актуелни, но и веќе вратени амбасадори во земјава, заминале на своите амбасадорски позиции без да ги претстават тезите на својот мандат во Собранието. На тој список се Љубомир Фрчковски во ОН; Андреј Жерновски во Букурешт, Романија; Мето Белевски во Брисел, Белгија; Катерина Ставревска во Лондон, Обединето Кралство; Зекир Рамчиловиќ, Подгорица, Црна Гора; Пајо Авировиќ во ОБСЕ; Емил Крстевски во Прага, Чешка; Џенк Сејфула во Стокхолм, Шведска; Јакуп Реџепи во Сараево, БиХ и Агнеза Руси во Софија, Бугарија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ