среда, 12 февруари 2025

ДВ: Богатството на Велф вредно стотици милиони сепак го украле нацистите?

Кој го поседува богатството на Велф, вредно милиони? Се чини дека прашањето е повторно отворено бидејќи нови документи поттикнаа сомнежи дека уметничките скапоцености биле украдени од нацистите. Дали ќе им биде вратено на еврејските наследници?, прашува Дојче веле.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

Реликвијари, крстови, слики на светци – филигрански гравирани со злато и сребро и опточени со седеф, кристали и слонова коска. Богатството на Велф е несомнено едно од најважните црковни богатства на средниот век. Содржи 44 ремек-дела на средновековната црковна уметност.

Династијата Велф е најстарата сè уште постоечка благородничка куќа во Европа. Ова семејство собрало многубројни богатства вредни стотици милиони евра.

Скапоцените предмети може да се видат во Берлин – сѐ уште. Зашто, повторно е отворено прашањето дали Фондацијата за пруско културно наследство (СПК) е навистина нивен законски сопственик или овие уметнички дела биле украдени од нацистите.

Случајот долго време се чинеше јасен: за време на нацистичката ера, богатството на Велф ѝ го продал на пруската држава конзорциум од еврејски трговци со уметнички дела од Франкфурт, кои го купиле од благородничката куќа во 1929 година. По Втората светска војна, тоа стана сопственост на Фондацијата за пруско културно наследство.

Фото: Википедија

Пред десет години, Советодавната комисија за украдена уметност, позната и како комисија Лимбах, одлучи дека богатствата на Велф не биле украдени. Очигледно, овој стручен совет не нашол докази дека нацистите ја изнудиле продажбата на уметничките дела од сопствениците. Тужбата на потомците пред американските судови за враќање на богатството на Велф беше отфрлена во 2023 година.

Еврејските наследници поднесоа барање за враќање во 2008 година. Следуваше правна битка. Пруската фондација за културно наследство ја процени вредноста на богатството на сто милиони евра, а наследниците што се жалеа – на 260 милиони.

И тогаш документите пронајдени во Државниот архив на Хесен во 2022 година покренаа сомнежи дека продажбата на богатството на Велф не била толку доброволна како што претходно се претпоставуваше.

На Алис Кох, еврејска косопственичка што поседувала четвртина од богатството на Велф, во 1935 година ѝ биле исплатени еден милион и 115.000 рајхсмарки, но оваа сума веднаш потоа ѝ била изнудена како „данок за бегство од Рајхот“.

Фото: Википедија

„Данокот за бегство од Рајхот беше инструмент за извлекување на имотот на еврејските граѓани што сакаа да избегаат“, потсетува правниот застапник на жртвите од Берлин, Јерг Росбах. „Без да се плати данокот за бегство од Рајхот, немаше потврда за платен данок. А без потврда за платен данок, немаше дозвола за излегување од земјата.“

Досега непознат документ покажува дека Алис Кох платила данок за бегство од Рајхот од над еден милион рајхсмарки. Без него таа не би можела да избега од нацистичка Германија. Само четири дена по даночното известување, Алис Кох го платила, добила потврда од даночната служба и – можела да избега.

Дали овој документ носи промена кога станува збор за богатството на династијата Велф? Не баш: Комисијата за украдена уметност може повторно да го отвори случајот само ако се согласи Фондацијата за пруско културно наследство. И по неколку месеци двоумење, изгледа дека е подготвена.

„Фондацијата би се согласила на ова“, се вели во соопштението, „доколку условите се разјаснат во согласност со процедуралните правила“. А за да се покрене ова, Фондацијата мора повторно да контактира со Комисијата, како и со адвокатите на потомците на Алис Кох – „за да се разјаснат отворените прашања“.

Претседателот на Комисијата, адвокатот Ханс-Јирген Папир, сака да ги забрза работите: „Фондацијата е должна (…) веднаш да се согласи со барањето на Комисијата. Испитувањето на прифатливоста е исклучива одговорност на Комисијата“, вели Папир.

Иако Германија сè уште нема закон за реституција, земјата им е посветена на основните принципи на Вашингтонската декларација од 1998 година. Според нив, треба да се најдат „праведни и правични решенија“ за уметничките дела ограбени од нацистите.

Ова досега беше задача на таканаречената комисија Лимбах, именувана по нејзината прва претседателка, сега починатата уставна судијка Јута Лимбах. За спорните случаи во иднина ќе одлучуваат арбитражни судови, на кои, за разлика од досегашната практика, може да се повика и странка во спорот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ