петок, 18 октомври 2024

ДУИ обвинува дека Комитетот за односи меѓу заедниците е избран на шверцерски начин

Пратеничката од Европски фронт Арбана Пашоли денеска на прес-конференција реагираше дека на седницата на Комисија за прашања на изборите и именувањата, на која се избираа членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците, имало материјал само на македонски јазик, а потоа откако побарале пауза од 30 минути за да се достави и на албански јазик, паузата била прекината порано и членовите на Комитетот биле избрани на шверцерски начин.

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е нешто кое што систематски се повторува. Претседателот на комисијата даде пауза од 30 минути, но истата ја продолжи без да помине предвиденото време за пауза и без да добие потврда од пратениците на Европскиот фронт за продолжување на истата. Како резултат на тоа, на шверцерски начин Комисијата ги избра членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците, без присуство на нашите пратеници и без дебата“, рече Пашоли.

Како што посочи Пашоли, од страв дека пратениците од Европскиот фронт ќе се вратат, нивната дискусија завршила за неполни три минути.

„Едно постојано тело на Собранието, како што е Комитетот за односи меѓу заедниците, чија што работа се заснова на закон и кој треба да гарантира правилна застапеност на сите заедници, се избра на подмолен начин, ускратувајќи ни го правото на збор“, додаде Пашоли.

Таа напомена дека Европскиот фронт освен што го носи легитиметот на албанскиот глас со тоа што има најголем број на пратеници Албанци во Собранието, има и најголем број пратеници Турци. Рече дека ја изразуваат својата загриженост затоа што не се почитувал законот кој на Европскиот фронт му гарантира претставник на турската заедница во Комитетот за односи меѓу заедниците.

„Ова не се случува првпат. Ние имавме реакции и на минатата седница на Комисијата за избори и именувања и веруваме дека ќе продолжиме нашиот став цврсто да го задржиме и на пленарната седница“, додаде Пашоли.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ