УЧК не е „ништо“ за Албанците – таа е симбол на жртвување за еднаквост, правда и достоинство. За Албанците, УЧК претставува борба за поправедно општество и за изградба на држава каде што секој граѓанин ќе биде еднаков. Секој обид за негирање на оваа историска вистина е чин на дискриминација што ги продлабочува меѓуетничките поделби и сериозно ја нарушува општествената хармонија, пишува во реакцијата на ДУИ.
„Овој селективен и лицемерен пристап е неприфатлив. Да се величаат Комитите, а да се омаловажува УЧК, е доказ за двојните стандарди и недостатокот на искреност од оваа влада. Како може да градиме заедничко општество кога една министерка за образование, наместо да промовира вредности на еднаквост и меѓусебна почит, зборува со исклучувачки и навредлив јазик за еден дел од граѓаните на оваа земја? Дали ова е начинот на кој оваа влада има намера да промовира соживот и да гради заедничка иднина за сите? Демократската унија за интеграција најостро го осудува овој пристап и бара министерката веднаш да ја повлече навредливата изјава и да се извини јавно. Исто така, бараме од оваа влада да рефлектира и да престане со користење на двојни стандарди кои ги продлабочуваат поделбите и ги зголемуваат меѓуетничките тензии“, велат од ДУИ.
Министерката за образование Весна Јаневска денеска изјави дека праќањето инспекција во училиштето „7 Март“ во тетовско Челопек е законско постапување и очекува и инспекторите да работат по закон. Соопшти дека покрај во ова училиште, каде што на приредба ученици беа облечени во воена униформа со амблеми на УЧК и со пушки во рацете, МОН има докази и слики со пријави за вакви настани во две училишта во Тетово и во училишта во Чаир и Струга, и дека инспекција ќе има и за тие случаи.
Таа одговори на денешната реакција од Демократската унија за интеграција дека се води „антиалбанска политика“ и „двојни стандарди“ во образованието затоа што пред две години во Аеродром деца на приредба биле облечени како комити и „изведувале воени поздрави“.
„Ја разбирам политиката на ДУИ и дека грчевито се обидуваат да ја поткренат својата позиција во општеството, но начинот е крајно погрешен. Како политичка партија имаат право на преземање некакви акции, но никако преку децата и училиштата и никако со понижување на државните симболи и со воведување милитаризам во училиштата“, порача министерката.
Посочи дека воспитувачката од градинката од Аеродром, која ја организирала таа приредба, била отпуштена работа и сѐ уште е на суд, но и дека „комитите се дел од историјата на државата Македонија“ и како тема се застапени во наставните програми.
„Комити биле и Македонци, и Албанци, и Турци и други етникуми. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби се бореле во Втората светска војна против заеднички непријател. Ние тие луѓе треба да ги чествуваме, тие луѓе кои се бореле за слобода, за сопствена држава и за просперитетот на сопствената држава“, истакна Јаневска.
Како што рече, војската УЧК и нејзините симболи „за оваа држава не значат ништо“ и дека децата во земјава треба „да растат во духот на патриотизмот, чествување на традицијата, почитување на различностите и на градење силни демократски вредности кои никого нема да повредуваат и нема да навредуваат ничии чувства“.
„Оттука, цврсто стојам на ставот дека овој случај, односно сега станаа повеќе, треба да се расчисти… Војската УЧК и нејзините симболи за оваа држава не значат ништо. Во оваа држава, војната, конфликот, кој како сака нека го нарече, предизвика жртви на сите инволвирани страни. Сите мајки исто плачат, сите мајки исто жалат. Наместо да се потрудиме да го заборавиме тој конфликт, каков и да бил и од која причина да бил, и да ги образоваме децата, ние малите деца, тоа се мали деца од видеото што го гледавте, ги учиме на воинственост, на држење оружје, некакви позиции на стрелање, дополнително на нешто што не е поврзано со нашата историја“, истакна Јаневска.