„Инспекторатот ќе издаде и наредба за задолжително известување на надлежен центар за социјални работи, во случај кога интересите на пациентот односно неговиот родител/старател се спротивставени, а за што од страна на ДСЗИ ќе биде спроведена и соодветна прекршочна постапка. Истовремено ДСЗИ врз основа на Законот за санитарна и здравствена инспекција, до министерот за здравство ќе иницира постапка за стручен надзор над стручната работа на здравствената установа согласно Законот за здравствена заштита“, стои во известувањето на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Инспекторатот констатирал дека кога на 10 јануари мајката со потпис, на свое барање заминала од болницата со новороденчињата предвреме родени на 30 декември и со мала тежина, болницата не го известила Центарот за социјални работи.
„Во врска со исписот од установата, од страна на докторите од неонатолошкото одделение добиен е податок дека мајката инсистирала на испис на новородените и покрај нивното убедување дека треба да останат во установата сè до нивно целосно адаптирање. И покрај тоа, новородените, на барање на мајката и со нејзин потпис, се испишани од установата со препорака за доење, витамин Д3 и контрола кај педијатар поради мала тежина. Од страна на установата, во врска со предвремениот испис на новородените, не е доставено известување до надлежниот Центар за социјални работи“, се вели во извештајот на ДСЗИ.
Бебињата-близначиња се родија на 30 декември предвреме, во 34-та гестациска недела со мала тежина, под 2 килограми. На своја рака, со потпис мајката на 10-ти јануари си заминала дома со бебињата. На 16-ти јануари, при тешка здравствена состојба на бебињата, семејството од својот дом во селото Славеј повикало Итна помош. Била констатирана смртта на машкото бебе, а женското починало во прилепската болница.
Од прилепската болница информираат дека ќе биде формирана внатрешна комисија која ќе го испита случајот.
И службите на Министерството за труд и социјална политика го следат случајот со починатите бебиња во Прилепско. Ова од Тетово го најави министерот Фатмир Лимани кој беше на свеченост по повод почеток со работа на нова градинка. Тој одговорајќи на новинарско прашање рече дека се работи и на превентивни мерки.
„Имаме инспекторати во рамки на Министерството. Ангажирани се и во моментот кога ќе достават информации ќе излеземе со информации и податоци. Има превентива, но многу значи од Центрите за социјална работа што се во Прилеп, Кичево. Контролираат, во рамки на центрите имаме и инспекторати и инспектори кои треба да ја следат таа работа. И ние чекаме од нив информација да ни дадат во врска со тој случај и после да излеземе со една поконкретна и подетална информација“, изјави министерот Фатмир Лимани.
На 20 јануари МИА информираше дека вработени на Центарот за социјални работи Прилеп го посетила семејниот дом на младите родители во Славеј за да видат во какви услови е домаќинството каде сега се другите три деца на младата брачна двојка. Вонреден инспекциски надзор имаше направено и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Јавниот обвинител при Основното јавно обвинителство во Прилеп информираше дека побарал документација од болницата и од службата на Итната помош која интервенирала во семејниот дом во прилепското село Славеј од каде било пријавено дека бебињата се во тешка здравствена состојба и била побарана лекарска помош.