недела, 22 декември 2024

Државниот архив со повик да се подарат вредни документи за зачувување на историското минато

Државниот архив денеска ги повика сите граѓани кои имаат архивски материјал (документација) да покажат општествена одговорност и да го подарат на Архивот како институција која се грижи за колективната меморија и историското минато.

Објавено на

часот

Сподели

„На приватните иматели или нивните правни наследници им се нуди можност да подарат архивски материјал кој е од особено значење за националната и локалната историја, како и за општествено-политичкиот, стопанскиот и културниот живот во минатото. На подарениот архивски материјал во Државниот архив и неговите одделенија му се обезбедува соодветно сместување, физичко-техничка заштита, стручно-научно истражување, проучување и обработка како и негово користење за научни цели“, се вели во соопштението од Државниот архив.

Архивскиот материјал наменет за подарување, се појаснува, се категоризира според неколку критериуми меѓу кои единственост, реткост и неповторливост на архивскиот материјал, сочуваност, изворност и авторство. Имателите и создавачите на архивски материјал се категоризираат според времето, местото, улогата во функционирањето во државниот, политичкиот, стопанскиот и културниот живот.

Од подарените архивски материјали, посочуваат од Државниот архив, ќе се формираат архивски фондови, кои во иднина ќе им бидат достапни на истражувачите и од нив ќе произлегуваат вредни изданија од областа на политичката историја, историја на секојдневниот живот, културната историја и сл.

Сите заинтересирани може да се обратат директно во Државниот архив или на и-мејл адресата на Архивот. Информации за подарување архивски материјал може да се добијат и во одделенијата на Државниот архив во Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Велес и Куманово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ