Сафије Садики Шаини, заменик-министерка за спорт и потпретседателка на Алтернатива која е дел од Коалицијата „Влен“ на денешната прес-конференција истакна дека со фонд од над осум милиони евра ќе ги поддржат спортските клубови и развојот на спортот.
-Спортот е пасош на гордоста за секој народ. Со вашата поддршка и нашата волја за промени започнавме нова ера за спортот во нашата земја. Сега нашите таленти веќе не се заборавени, а нашите клубови веќе не се маргинализирани. Работиме да им донесеме можност на сите. Со фонд од над осум милиони евра распределени се значајни средства за поддршка на спортските клубови и развојот на спортот. Работите сега се променети и спортистите добиваат нови можности за успех и напредок. Промената на власта има позитивен ефект во секој сектор, вклучувајќи го и спортот. Сега секој талент има можност да ги достигне највисоките врвови. Во спортот нема место за поделби и дискриминација. Ова е трагедија од минатото кое е сега зад нас, рече Садики Шаини.
Посочи дека доделиле 500 стипендии за млади спортски талени и потенцира дека и во иднина ќе продолжат да ги поддржуваат.
– Во меѓувреме, доделивме 500 стипендии за млади спортски таленти. Оваа практика ќе ја продолжиме и во иднина и ќе се трудиме да ја зголемиме помошта и овие млади таленти да добиваат поголема поддршка од државата. Ова е уште еден чекор со кој покажуваме дека се грижиме за младите и за иднината, што за нас е од големо значење за промовирање на здраво општество и градење на вистински вредности, рече таа.
Потенцира дека ја изгласале Програмата за спортски објекти за 2024 година преку која некои спортски објекти веќе се реконструираат, а некои се очекува да се реконструираат.
-Се очекува да се реконструираат – изградба на фудбалско игралиште во село Октис во Општина Струга, реконструкција на фудбалско игралиште во село Чегране во Општина Гостивар, санација на фудбалското игралиште во Тетово, санација на игралишта во населби, поставување на рампи во спортски објекти за лица со посебни потреби, изградба на 14 затворени базени во училишта, рече Шаини.