Денеска во рамки на „Детската недела“ која се одбележува секоја прва недела во месец октомври со цел развивање на општествената активност за афирмација на заштитата на децата, а како продолжение на проектот „Отворен кабинет“ на Министерството за внатрешни работи, министерот Спасовски го отвори кабинетот за децата од Јавната општинска установа – детска градинка „Ангел Шајче“ од Куманово, која работи со престој на деца како од предучилишна, така и од училишна возраст.
Целта на посетата беше најмладите да се запознаат со професијата полициски службеник, неговите основни работни обврски, како и со дел од опремата и возилата кои полицијата ги користи во секојдневното работење во функција на што поголема безбедност на граѓаните.
„Со задоволство ги учевме децата за нашата работа, а бев почестен и со убава детска песничка. Во Кабинетот им ги покажав цртежите кои децата ги подарија на минатата средба во Куманово. Им го објаснив значењето на полицијата во општеството, важноста на целокупната безбедност, а посебно онаа на најмладите кои се најголемото богатство не само за нивните родители, туку и за државата во целост. Во оваа прилика им доделив пригодни подароци, а разговаравме со нив и за неопходноста да бидат посветени во учењето, со што ќе се стекнат со богато знаење, да продолжат да ги сакаат и почитуваат своите родители, учителите, блиските и другарчињата, да се грижат за сопственото здравје и за животната средина и да израснат во примерни граѓани кои ќе ја сакаат, ќе се грижат и ќе ја водат државата“, напиша министерот Спасовски на социјалните мрежи.
Претходно, дечињата во кругот на МВР беа пречекани од припадниците на Единицата за брзо распоредување, на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Униформираната полиција, каде имаа несекојдневна можност да разгледаат дел од опремата на полицијата, а воодушевување кај нив предизвикаа и дел од боречките вештините кои ги негуваат припадниците на МВР.
Фотографиите се преземени ос официјалната фејбук-страница на министерот Оливер Спасовски каде се објавени со дозвола.