сабота, 27 јули 2024

Дрин Ахмети се повлекува од фирмата, доаѓа компанија која има стриптиз барови во Тексас

Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ вчера објави дека се повлекува од неговата фирма Тор индистрис која се „фузира“ со фирма од американската држава Тексас. Код на ТВ Телма пред десетина дена објави дека партнерот од Далас има стриптиз бар и има проблеми со американските правосудни органи.

Објавено на

часот

Сподели

Во вчерашното соопштение на Тор индустрис се вели дека фирмата ја презема компанијата Тексас американ интернешнл холдингс (Texas American International Holdings Inc.) и дека аквизицијата (преземањето) е  „значаен потег кој сигнализира почеток на ново поглавје за Тор индустрис (Thor Industries LLC)“.

Според соопштението се работи за водечка компанија, призната по своите иновативни и стратешки деловни операции. Оваа аквизиција означува пресвртница во патувањето на Тор индустрис поставувајќи ја сцената за период на засилен развој, стои во соопштението.

Код на Телма пред десетина дена објави дека во јули лани, Ник Назар Мехмеди основал фирма со влог од 3 милиони евра и со седиште на истата адреса како Тор. Ник Мехмеди е сопственик на стриптиз барови во Далас, Тексас, а скопската фирма му се вика Американ инвестментс и е регистрирана за консултантски услуги.

Иако Дрин Ахмети најавува дека ќе се повлече од компанијата Тор, внукот на лидерот на ДУИ уште е директор/управител на фирмата Соравиа во чија сопственост е деловниот центар Соравиа, во центарот на Скопје. Дрин Ахмети таму стана директор лани на први септември, односно по примена позајмица од страна на фирмата на Ник Мехмети од основачкиот влог од три милиони евра.

Во обвинителството водат две предистраги за Тор и Дрин Ахмети, едната е за Соравиа и купувањето на овој деловен центар која е проширена и во која има и други проверки за имот и за финансиски трансакции. Втората е во скопското обвинителство и се однесува на 749 парчиња пиротехника и огномети кои еден ден пред Нова Година беа најдени во гепекот на автомобилот на Дрин Ахмети.

Код објави дека Ник Назар Мехмеди бил во придружба на Дрин Ахмети при средби со претставници на албанската дијаспора во Њујорк.

Во февруари Државната комисија за спречување корупција побара Владата да го разреши раководството на Фондот за иновации технолошки развој (ФИТР) поради сомневање за незаконско постапување при доделување на пари за проекти во вредност од 81 илјада евра на фирми на Дрин Ахмети.

Техничкиот премиер Талат Џафери на почетокот на месецот рече дека Владата нема да постапи додека надлежните институции не докажат вина на раководството.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ