За жал, повеќето членови на ДПМ не знаат со што се соочува друштвото во овие тешки моменти за Македонија и жалам што се доведени во заблуда од поединци, вели Петрески.
„Изјавувам дека како претседател на ДПМ бев и сум под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик. Писателите се вистинскиот браник на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и култура и затоа апелирам и ве молам на најубав начин да ги сочуваме заедно – во одбрана на ДПМ кое има 76 години традиција, или како што би рекол безвремениот Блаже Конески, ‘,jазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште’”, напиша Петрески.
Тој вчера на својот фејсбук профил напиша дека по барање на голем број членови на Друштвото на писателите на Македонија тој ја повлекува оставката од местото претседател на ДПМ, бидејќи, како што тврди тој, истата била изнудена поради притисоци, уцени и закани.
Одма потоа реагираше писателот Иван Антоновски кој за повлекувањето на оставката на Петрески рече дека е фалсификат.
„Повлекувањето на оставката не важи зашто се темели на фалсификат! И затоа што оставката е неотповиклива! Вонредно изборно собрание за сите раководни позиции и за членови на другите тела на ДПМ мора да има!“, напиша Антоновски на фејсбук.
„Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградацијата на писателското достоинство во националниот културен контекст, поднесувам неотповиклива оставка на моето членство во Претседателството“, наведе Цветкоски во писмениот допис до медиумите.
По ова, Петрески во целост ги отфрли, како што рече, сите невистини и инсинуации изнесени во јавноста од страна на членови на претседателството и дека ДПМ нема да биде заложник на лични пресметки.
Реагираа и писателите Иван Антоновски и Фросина Пармаковска.
Антоновски рече дека ДПМ е формирано за да се слушне, а не пригушува гласот на писателите, а Пармаковска побара „вонредни избори за спас на ДПМ“.
Писателката Јулијана Величковска, која на 15 септември минатата година си даде оставка од претседателството на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), изјави дека се надева дека кризата е пресвртна точка по која ДПМ „конечно ќе се реформира и ќе почне да работи во насока на грижа за подобрување на правата и положбата на писателите“.
По оставките на раководството, претседателката на собранието на ДПМ, Кристина Николовска, соопшти дека свикала вонредно собрание на ДПМ што треба да се одржи на 25 ноември.