петок, 25 октомври 2024

Доларот зајакна, а еврото ослабе

На валутните пазари, вредноста на доларот порасна во однос на кошницата валути минатата недела бидејќи американската економија продолжува силно да расте, па каматните стапки во САД би можеле да останат покачени подолг период од очекуваното. Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на американската во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела зајакна за 0,4 отсто, на 106,58 бода.

Објавено на

часот

Сподели

Притоа, доларот во однос на европската валута зајакна за 0,3 отсто, па цената на еврото се лизна на 1,0565 долар. Но курсот на доларот ослабе во однос на јапонската валута, за 0,15 отсто, на 149,65 јени. Зајакнувањето на американската валута е благодарение на стабилниот, па дури и забрзан раст на американската економија.

Минатата недела, меѓу другото, беше објавено дека во третиот квартал американскиот бруто-домашен производ (БДП) пораснал за 1,2 отсто во однос на претходните три месеци, кога пораснал за 0,5 отсто. Во однос на третиот квартал од минатата година, тој пораснал за 2,9 отсто, по растот од 2,4 отсто во периодот од април до јуни.

Ова го поддржало девизниот курс на доларот бидејќи каматните стапки на централната банка на САД може дополнително да се зголемат, а покрај тоа, тие може да останат на покачени нивоа подолго од очекуваното. Од друга страна, Европската централна банка на својата редовна седница минатата недела ги задржа непроменети каматните стапки и објави дека инфлацијата во еврозоната се намалува.

Економијата на еврозоната не е во толку добра состојба како американската, а каматните стапки се на пониски нивоа отколку во САД, па затоа не е чудно што американската валута зајакнува во однос на европската.

Доларот зајакна и поради тоа што се смета за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња, а бидејќи инвеститорите стравуваат од ескалација на конфликтот меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас, го инвестираат својот капитал во инвестиции што се сметаат за побезбедни во несигурни времиња.

Благиот пад на курсот на доларот во однос на јенот е само последица на стравот на инвеститорите од можна интервенција на јапонската централна банка, имајќи предвид дека минатата недела, за прв пат по една година, курсот на доларот се проби над нивото од 150 јени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ