сабота, 27 јули 2024

Дојче веле: Европскиот „антируски сојуз“ се собира во Молдавија

Објавено на

часот

Сподели

Приднестровие, делот од земјата лојален на Русија, пред 30 години прогласи независност од Молдавија и од тогаш е под контрола на руските мировни трупи. И покрај „замрзнатиот конфликт“, Европската Унија се согласи на Молдавија, заедно со Украина, да ѝ даде статус кандидат за членство, кое ќе следи – некогаш.

Заеднички против Русија

На средбата на 47 шефови на држави и влади на ЕПЗ денес ќе се зборува токму за тие теми: војната на Русија во Украина, проширувањето на ЕУ и интензивирањето на меѓусебната соработка на европските држави – освен Русија и Белорусија.

По основачкиот самит во Прага во октомври минатата година, учесниците оценија дека новиот формат за комуникација е корисен. Германскиот канцелар Олаф Шолц во мај, на самитот на Советот на Европа одржан на Исланд, го пофали ЕПЗ како „успешен форум“, бидејќи шефовите на државите и владите можат да разговараат едни со други без притисокот дека мора да се донесат формални одлуки.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој го замисли форматот, е полн со оптимизам, но и патетика. Тој во Прага изјави дека ЕПЗ е инструмент за „спречување граѓански војни и на растечките проблеми на обединета Европа“.

Не е замена за членство во ЕУ

Со повеќе реализам на новиот формат му пристапуваат лидерите на земјите кои сакаат во ЕУ. Така на пример албанскиот премиер Еди Рама предупреди дека ЕПЗ не смее да стане само уште една чекалница за кандидатите за влез во Унијата. Пристапните преговори, истакна, мора да продолжат, без оглед на тој нов форум. Неговата земја, како и Србија, Црна Гора и Македонија, преговара за пристапување во Европската Унија. Босна и Херцеговина засега е само кандидат за преговори, а Косово и Грузија се чекор подалеку – тие се потенцијални кандидати за пристапување.

Канцеларот Шолц сака да го забрза спориот пристапен процес, барем така кажа во својот говор пред Европскиот парламент на почетокот на мај. За тоа, меѓутоа, прво е потребна реформа на самата ЕУ.

Во Молдавија се поканети и Турција, Ерменија и Азербејџан, земји кои со себе носат широка лепеза политички проблеми. Завојуваните кавкаски соседи Ерменија и Азербејџан се сретнуваат во Молдавија по новите преговори одржани во Москва. Во конфликтот околу спорниот регион Нагорно Карабах, рускиот претседател Владимир Путин веќе долго е важен играч.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, засилен од повторниот изборен триумф, веројатно ќе заземе критички став кон ЕУ и понатаму ќе инсистира на статусот на Турција како кандидат за членство.

Истовремено Косово и Србија (која во Молдавија би требало да ја претставува претседателот Александар Вучиќ) и понатаму спорат околу статусот на српското малцинство на северот на Косово, додека Британија, единствената поранешна членка на ЕУ, сè уште ја бара својата улога на политичката сцена на Европа,

Зошто ЕПЗ?

За време на тие неколку часа во молдавскиот замок Мими, нема да има време за наоѓање на решенија за сите тие бројни конфликти, но можеби ќе се најде за формулирање на некои конструктивни импулси. Зошто инаку би бил корисен новиот „дебатен клуб“, како што го нарекуваат критичарите? Тоа прашање има смисла, имајќи предвид дека сите земји, со исклучок на Косово, се членки и на Советот на Европа, кој пред две недели се сретна на Исланд и исто така се бавеше со руската војна во Украина. значи, што може ЕПЗ подобро?

„Тоа е прашањето од милион долари“, вели Аманда Пол од бриселската аналитичка група Европски центар за политика. „Ако ги прашате земјите учеснички, обично наоѓате на беспомошност“. За лидерите на земјите кои не се членки на ЕУ, вели таа, веројатно станува збор за шанса лично да разменат идеи и да разговараат за проблемите.

Следната средба во Шпанија

Европската политичка заедница како „европски форум во најголем формат“ уште на првата средба во Прага донесе одлука: третата средба ќе се одржи во октомври во Шпанија, а четвртата следната година во Британија. Сепак, ЕПЗ нема сопствени структури – за неопходните работи се користи просторот на секретаријатот на Европскиот совет во Брисел, од мај постојат посебни канали на Твитер и Фејсбук, но интернет страница сè уште нема.

Идејата на Емануел Макрон за Европската политичка заедница не е баш нова. Уште во 1989 година тогашниот француски претседател Франсоа Митеран предложи таква заедница како реакција на политичките промени во Источна Европа и во Советскиот Сојуз. Идејата на Митеран не беше реализирана, бидејќи во форумот сакаше да ја вклучи и Русија, што источните Европејци го одбија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ