сабота, 1 март 2025

Додик: Србите кои ќе останат да работат во заедничките институции на БиХ ќе бидат прогласени за предавници

Претседателот на Република Српска Милорад Додик им се закани на Србите кои ќе останат да работат во заедничките институции на Босна и Херцеговина дека ќе бидат прогласени за „трајни предавници“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ќе ги истакнеме нивните имиња на плочи секаде каде што ќе можеме, и во медиумите и насекаде. Нема да толерираме предавство“, кажа Додик во Бања Лука.

„За Србите таму има одреден број места и тие ти работи ги добиле, не затоа што се Ајнштајн или експерти, туку затоа што се Срби. Тие мандати му припаѓаат на српскиот народ и на РС, а не на нив“, кажа тој.

Додаде дека, ако народното собрание на РС одлучи дека треба да ги вратат мандатите, тогаш мораат да ги вратат.

„РС нема комодитет да им прости и нема да им простиме на оние кои ќе останат“, кажа Додик.

Сараевскиот портал Истрага објави денес дека Агенцијата за истраги и заштита (СИПА) привремено ги прекинала активностите на територијата на РС. Наведуваат дека во СИПА не постои официјален акт со кој тоа е наредено, но дека директорот на полициската агенција Дарко Ќулум, кој е од РС, им наредил на подредените привремено да ги прекинат сите активности на подрачјето на тој ентитет.

Наведено е дека СИПА може само „разузнавачки“ да дејствува на подрачјето на РС, но дека не може да врши никакви конкретни акции до средината на следната недела, кога ќе биде донесена конечна одлука за понатамошните активности.

Според Истрага, откако народното собрание на РС во четвртокот со закон им го забрани дејствувањето на Судот и Обвинителството на БиХ, како и на СИПА, Ќулум бил повикан во Бања Лука на состанок со раководството на МВР на РС.

Меѓутоа, Ќулум за сараевско Ослобоѓење кратко изјави дека тоа се дезинформации.

„Тоа не е точно“, кажал Ќулум, не сакајќи да дава какви било коментари на објавените информации за привременото дејствување на СИПА на подрачјето на РС, пишува весникот.

Додик денес најави дека утре со српската претседавачка на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ на Колегиумот на министри за внатрешни работи на РС ќе побара од полицијата на ентитетот да работи исклучиво во рамки на законските овластувања и дека „не смее да се дозволи какво било насилство кон кого било“.

„Особено ќе им кажеме да влезат во структурите и подрачјата каде што живеат Бошњаците и да ги уверат дека сме спремни да ја браниме нивната безбедност и дека на ниту еден Бошњак, муслиман, нема да му фали влакно од главата“, им кажа Додик на новинарите.

Тој додаде дека „секој Србин кој ќе се обиде вербално или на кој било начин да ја загрози нивната стабилност или безбедност, ќе има проблем со полицијата на РС“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ