„Ги поздравувам напорите на (американскиот претседател Доналд) Трамп да се истражи дејствувањето на УСАИД“, изјави Додик на конференција за медиумите во Бања Лука. Тој доаѓањето на власт на новиот американски претседател го опиша како „ослободување на светот“.
Додик најави дека во текот на денот ќе ѝ потпише налог на полицијата за веднаш да отвори истрага против вработените во УСАИД и лицата вклучени во проектите кои таа агенција ги финансирала во изминатите години.
Тврди дека во изминатите четири години се потрошени 402 милиони долари од фондовите на УСАИД за финансирање невладини организации и 40 илјади луѓе во БиХ, а смета дека најголем дел се насочени токму на проекти чија цел е негово уривање од власта.
Сето тоа го нарече план за финансирање „црни операции“, а како главен креатор на наводниот заговор против неговата власт Додик го означи досегашниот амбасадор на САД во БиХ Мајкл Марфи, кого го нарече „мегакриминалец“.
„Во Република Српска ќе отвориме многу детална истрага на сите клиенти на УСАИД од 1995 година до денес“, кажа Додик.