Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска, го посети вакциналниот пункт во Поликлиника „Бит-пазар“ каде изразил задоволство од досегашниот одзив на граѓаните и истакнал дека вакцинација против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки компликации, особено кај ризичните групи.
„Само за една недела во вакциналниот пункт во Поликлиника ‘Бит-пазар’ вакцина против сезонски грип примиле 824 лица, а термин за вакцинација закажале 3.957 граѓани. Податоците на ниво на целата земја го потврдуваат високиот интерес на граѓаните за оваа вакцина, досега се евидентирани 51.649 пријавени и над 10.000 имунизирани граѓани“, информираше Меџити.
Министерот Меџити посочи дека сезонските вакцини се безбедни и ефикасни и играат значајна улога во намалувањето на ширењето на заразните болести, потенцирајќи дека одлуката за имунизација значи посветена грижа за сопственото здравје, но и за благосостојбата на целото наше општество.
„Од витално значење е да се подигне свесноста за придобивките од вакцинацијата и сите заедно да бидеме посветени на нашите заложби да се заштитиме себеси и тие околу нас. Важно е нашата заедница да биде добро информирана и да ги охрабриме сите граѓани, а особено тие кои припаѓаат на ранливите групи да ја искористат можноста за имунизација која може да значи и спас на животи“, истакна Меџити.