Околу 4,5 милиони избирачи во Хрватска денеска имаат право да излезат на државниот референдум и да решат дали Хрватска ќе влезе во Европската Унија, вели хрватскиот портал index.hr. Избирачките места се отворени од 7 до 19 часот, а се одговара на прашањето „Дали сте за членство на Хрватска во Европската Унија?“
До 16 часот гласале 1.316.053 гласачи, или 33,79 отсто од вкупниот број гласачи, пишува во извештајот на Државната изборна комисија. Најмногу гласачи излегле во Загреб, 40 отсто.
Комисијата наведува дека одржувањето на референдумот се одвива без поголеми проблеми. Полицијата морала да реагира само поради антиевропските пропагандни графити што осамнаа на избирачките места во Самобор и Сињ.