среда, 23 октомври 2024
Реакција на граѓански организации

ДКСК треба да се залага за намалување на привелегиите на функционерите, а не да бара дипломатски пасоши

Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК) има надлежност да коментира настани и процеси поврзани со сомнежи за корупција или евидентни ризици, па оттука Платформата на граѓански организации за борба против корупција  ја повикува ДКСК да ги посочи конкретните случаи во кои претходниот состав излегол надвор од оваа надлежност, а во спротивно да се воздржи од поткопување на довербата и на добрата пракса која претходниот состав ја изгради, пишува во дел од реакцијата на Платформата на граѓански организации за борба против корупција откако претседателката на ДКСК Татјана Димитровска кажа дека добила дипломатски пасош, а претходната пак, Билјана Ивановска реагираше дека на минстиот состав на ДКСК не му биле потребни дипломатски пасоши за успешно да ја работи својата работа.

Објавено на

часот

Сподели

Платформата на граѓански организации за борба против корупција реагира на соопштението на Државната комисија за спречување на корупција, во кое се изнесуваат видувања за работата на претходниот состав на комисијата и се квалификуваат како паушални и популистички, реагираат од Платформата.

„Во однос на учеството на ДКСК во јавната дебата околу настани и процеси, не попусто постојат домашни и меѓународни стандарди за антикорупција, интегритет, етика, и добро управување, кои ги водат членовите при давањето изјави и оценки за состојбите. Оттука, Платформата стравува дека доколку ДКСК се обврзе да дава изјави само по донесени одлуки, ќе се пропушти значајна можност институцијата да учествува во превенција или фокусирање на јавноста кон процеси од највисоката корупција, кои тешко се докажуваат, но може да се спречат со колективна акција на притисок. Истовремено, Платформата со жалење ја прими одлуката да се додели дипломатски пасош на претседателката на ДКСК и поднесените барања на останатите шест членови на комисијата за истото право“, реагираат од Платформата.

Оттаму реагираат дека според Правилникот за постапката за издавање на дипломатски и службени пасоши и визи и за листата на носители на дипломатски и службени пасоши, во листата на носители на дипломатски пасоши не ги наведува претседателот и членовите на ДКСК.

„Од тука, изненадува потребата претседателката и членовите на комисијата да поднесат посебно барање за ваков тип на пасош. Кога веќе побарале дипломатски пасоши за себе, зошто не го сториле тоа и за вработените во Секретаријатот на ДКСК кои исто така обавуваат службени патувања надвор од државата. Напоменуваме, дипломатскиот пасош не е само документ потребен поради зголемен обем на службени патувања, туку тој нуди и дипломатска заштита на лицата кои го поседуваат, па од тука се поставува прашањето каков тип на заштита им е потребна на комисионерите на ДКСК при обавување на службените патувања во странство. Сакаме да истакнеме дека на оваа листа има и други избрани и именувани лица кои се изземени, а се избрани од страна на Собранието. ДКСК треба да се залага за намалување на користењето на дикреционите овластувања од страна на избраните и именуваните лица, а не со вакви барања да ги користи за свои потреби“, се наведува во реакцијата на Платформата.

Во однос на службените возила, Платформата бара расчистување на случајот, со оглед на спротивставените изјави на ДКСК и на Агенцијата за управување со одземен имот како и на Владата.

„Останува и тука нејасно, колку се зголемила потребата на комисијата во изминатите неколку месеци, споредено со претходните пет години, за да побарува службени возила. Очекуваме транспаретно да се објасни оправданоста на ова барање доколку е истото побарано. На крај, Платформата ја повикува ДКСК да посвети поголемо внимание на настапи и комуникацијата со медиумите и јавноста за да се задржи претходно воспоставената добра пракса на присуство на членовите на ДКСК во јавната дебата. Само на тој начин новиот состав на ДКСК ќе ја има поддршката на јавноста во случаи во кои ќе треба да се пружи отпор на моќните мрежи на корупција кои изминатите децении ја претворија земјава во една од црните дупки на Европа“, рагираат од Платформата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ