Членот на ДКСК, Нури Бајрами побара од Владата да ја преиспита целокупната работа на ФИТР затоа што, како што рече, постои основано сомневање за несовесно и противзаконско работење на сите органи на Фондот за иновации. Меѓу другите сомнежи е и она за незаконско доделување на државни пари на две фирми на Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Според податоците на ДКСК досега од буџетот на Фондот биле исплатени вкупно шест милиони денари, а при тоа не била направена ниту една контрола за да се види како се потрошени нивните пари.
Повикувајќи се на документи добиени од ФИТР, Бајрами кажа дека исплатата на парите се извршувала авансно на квартална основа, а останатиот дел од парите требало да се исплатат по исполнувањето на условите за наменски потрошени пари. Според него спорно е што поголемиот дел од предвидениот буџет за проекти на Фондот за иновации е доделен само на двете фирми на Дрин Ахмети.
„Ако за двата проекти се доделени 5 милиони денари, а вкупно биле предвидени 6 милиони денари, останува нејасно дали некоја друга компанија воопшто добила пари од ФИТР за проекти по тој јавен конкурс. Се прашувам како во овој случај не реагирал Управниот одбор кој го следи работењето на Фондот и како Комитетот за одобрување на инвестиции дал одобрение повикувајќи се на една општа одредба во правилникот каде штуро на едно место се предвидени промени без да се прецизира какви промени и кој ќе врши надзор“, рече Бајрами.
Според изнесените податоци, Тор индустрис, фирма во целосна сопственост на Дрин Ахмети, на спорниот конкурс добила околу 32.000 евра за проектот насловен како „3D modeling and scanning of infrastructure design“. На истиот конкурс, фирмата Еверест ЏД исто така во сопственост на Дрин Ахмети добила 50.000 евра за проектот „Daтa management Efficiency System.
„Сомнежот за незаконско делување лежи во промената на роковите за проектот и на неизвршениот надзор за сработеното предвидено во проектот. Во Комисијата утврдиле дека ваквото делување станало пракса во Фондот, па затоа треба целосна проверка на работата на ФИТР“, рече Бајрами.
Освен ова, ДКСК донесе одлука да достави предмет до Основното јавно обвинителство, како и до Финансиска полиција, против поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, за искористување на градоначалничката функција и да го смени деталниот урбанистички план кај Мајчин дом и на местото каде било впишано зеленило, да се впише 9-катница.Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска рече Обвинителството и Финансиската полиција да испитаат како го стекнал тој деловен простор и откај му се средствата за да се стекне со тој деловен простор.