Јадров, директор на агенцијата Росавијација, не ги коментираше изјавите на азербејџанскиот пратеник и одредени експерти кои за соборувањето на авионот на Азербејџан ерлајнс на 25 декември го обвинија рускиот систем за противвоздушна одбрана, наведувајќи дека тој реагирал на нападот со украински дронови.
Во писмената изјава Јадров наведува дека градот Грозни, каде авионот требало да слета во густа магла, бил цел на украински дронови и дека поради тоа властите ја затвориле областа за воздушен сообраќај, пренесува Асошиетед прес.
Тој посочи дека, по два неуспешни обиди за слетување во Грозни, на пилотот на авионот му биле понудени други аеродроми, но тој одлучил да лета до казахстанскиот град Актау, преку Каспиското Море.
„Ситуацијата во областа на аеродромот Грозни беше доста тешка. Има многу околности кои треба заеднички да се истражат“, рече Јадров.
Некои воздухопловни експерти посочија дека дупките што се гледаат во делот од опашката на авионот сугерираат дека авионот можеби бил под оган од руските системи за противвоздушна одбрана кои се обидувале да го одбијат украинскиот напад со беспилотни летала.
Авионот летал од Баку, главниот град на Азербејџан, кон Грозни, главниот град на руската република Чеченија, но се пренасочил кон Казахстан и се сруши при обидот за итно слетување. 38 лица загинаа, а сите 29 преживеани се повредени.
Азербејџан ерлајнс денеска за падот на авионот ги обвини неодредени „физички и технички пречки“ и најави прекин на летовите до неколку руски аеродроми. Компанијата не соопшти од каде дошле пречките, ниту даде други детали, наведе АП.
Патниците и членовите на екипажот кои ја преживеаја несреќата за азербејџанските медиуми изјавија дека слушнале силни звуци во авионот додека кружел над Грозни.
Стјуардесата Ајдан Рахимли рече дека маските за кислород автоматски паднале по силен звук, а набргу потоа се слушнал уште еден тресок.
Нејзиниот колега Зулфугар Асадов рече дека звуците изгледале како нешто однадвор да го погодило авионот. Тој ги негираше тврдењата на казахстанските власти дека во авионот експлодирала боца со кислород.
Министерот за дигитален развој и сообраќај на Азербејџан Рашад Набиев се осврна на изјавите на преживеаните за да посочи дека авионот претрпел надворешен удар додека летал над Грозни.
Асадов им рече на новинарите дека „истражителите ќе го одредат типот на оружјето што е користено за надворешниот удар“.
Повикувајќи се на извори од азербејџанската влада, Јуроњуз вчера објави дека прелиминарната истрага утврдила дека ракета истрелана за време на руските воени активности против украинските беспилотни летала над Грозни, експлодирала во непосредна близина на авионот, а дека шрапнели ја погодиле кабината на леталото.
Пратеникот на азербејџанскиот парламент Расим Мусабеков вчера изјави дека авионот бил цел на напад додека бил над Грозни и ја повика Русија официјално да се извини.
Запрашан за изјавата на Мусабеков, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека истражителите треба да ја утврдат причината за авионската несреќа.
„Воздушниот инцидент се истражува и не веруваме дека имаме право да даваме проценки додека не се донесат заклучоци како дел од истрагата“, изјави Песков за новинарите.