Како што објави порталот Радио КиМ, трговците и угостителите во општината Грачаница го прекинале платниот промет во динари.
„Престанавме да примаме динари. Запознаени сме со ситуацијата дека тоа е забрането на Косово и се водиме според тоа. Мислам дека и не е некој проблем, бидејќи граѓаните секако платите и пензиите ги подигнуваат во Србија, таму ги менуваат во евра и ги трошат тука. За нас исто така не е некој проблем, наплаќаме во евра“, вели угостителскиот работник Марко Рајковиќ.
Просветната работничка од Грачаница Лилјана Џориќ истакна дека граѓаните кои се во работен однос, а примаат плата од буџетот на Република Србија, ќе се снајдат и дека указот на централната банка на Косово им претставува најголем проблем на старите и болните.
„Запознаена сум и ништо не ме изненадува, ниту очекува поинаков исход. Ќе се снајдеме како што знаеме и умееме. Полоши нешта не нè исплашиле, нема ни ова. Граѓаните на Косово кои се во работен однос ќе се снајдат, најголем проблем е за пензионерите. Не знам како ќе се снајдат тие бидејќи се во години и не се способни за патување. Ќе се трудиме да им помогнеме колку што можеме“, кажа таа.
На први февруари стапи на сила указот на централната банка на Косово според која еврото е единствена валута.
Премиерот на Косово Аљбин Курти изјави дека целта на готовинското плаќање во евра не е казнување, туку законитост и транспарентност при користењето на паричните средства. Тој додаде дека указот не е ориентиран против динарот, туку дека го утврдува еврото како единствено средство за готовинско плаќање на Косово, и дека со тоа од готовинското плаќање се исклучуваат и сите други валути. Иако делегации на Приштина и Белград до сега се сретнуваат шест пати во врска со проблемот со употребата на динарот на Косово, решение не е најдено.
Западот побара од Косово да ја одложи примената на одлуката и да најде краткотрајно преодно решение, бидејќи указот има негативно влијание врз локалното население на северот на Косово, кое со години прима исплати во динари од буџетот на Србија.