недела, 22 декември 2024
Новиот состав на Антикорупциска даде свечена изјава

Димитровска: ДКСК нема да потклекне на ниту еден притисок и влијание

Новите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска дадоа свечена изјава пред претседателот на Собранието, Јован Митрески. Новиот состав на ДКСК е составен од претседателката на Комисијата Татјана Димитровска, дипломиран економист од Скопје и вработена во Државниот завод за ревизија (ДЗР) и членовите, судијката во Основниот граѓански суд Скопје, Софија Спасова Медарска, двајцата досегашни советници во ДКСК Билјана Каракашова Шулев и Бесник Џемаиљи, како и ревизорите Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Демири Сервет.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на ДКСК Димитровска во изјава за медиумите истакна дека ќе работат независно и објективно и нема да дозволат никаков притисок или влијанија. Како ДКСК, потенцира таа, во насоката на штитење на интегритетот и јакнење на доверба на народот, односно на државата ќе истражуваме, ќе испитуваме и ќе даваме препораки и политики за спречувањето на корупцијата.

„Секако сами како институција не е доволно да се заштитиме од овој феномен корупција којшто е генератор на многу проблеми во општеството. Како значајни чинители во оваа борба против корупција се секако и медиумите коишто имате обврска да обелоденувате, истражувате и секако со вашата објективност и непристрасност ќе придонесете за обелоденување за многу сомнежи во корупција. Понатаму, многу значајна улога, можеби и најзначајна имаат владините институции коишто со нивниот интегритет и ефикасност ќе придонесат кон борбата со корупцијата, понатаму граѓаните. Особено значајни се и меѓународните институции коишто ќе овозможат размена на податоци, информации коишто и тоа како се од големо значење за нас како ДКСК“, рече Димитровска.

Димитровска нагласи дека за нејзе претставува чест и задоволство да се работи во институција која што во минатото докажа дека е поставена на високи професионални стандарди и се надева дека со личниот и професионален капацитет на членовите  на Комисијата ќе придонесат за зголемување на интегритетот на државата.

На новинарско прашање дека претходниот состав често истакнуваше дека има проблеми со институциите кои треба да ја продолжат нивната работа како што е Обвинителството, Димитровска нагласи дека најнапред треба да ја воочат состојбата каква е и да видат со кои предизвици ќе се соочат.

„Меѓутоа, и тоа како значајна алка во тој систем е Јавното обвинителство. Исто така, за нас е од особено значење секоја иницијатива или секоја покрената постапка да заврши со правосилна судска одлука што значи дека ќе настојуваме да ја интензивираме таа соработка с со една заедничка цел да ја спречиме корупцијата“, рече таа.

Во врска со тоа дали имаат некоја идеја или план како да ја зголемат имплементацијата на препораките, Димитровска рече дека преку нивната борба, преку медиумите и граѓаните ќе настојуваат да ја подигнат свеста во сите владини институции за решавање на овој проблем.

„И во Извештајот на ЕК беше нотирано дека и тоа како ДКСК бележи проактивна улога во давањето на насоки и политики за спречување на корупција. Повторно ќе кажам дека преку нашата борба, еве преку вас медиумите, граѓаните, ќе настојуваме да ја подигнеме свеста не само кај Јавното обвинителство кое секако си има свои надлежности во своето работење, меѓутоа и во другите владини институции што значи дека ќе се бориме заеднички а решавање на проблем“, рече таа.

Одговарајќи на новинарско прашање како ќе се справуваат со притисоците, Димитровска рече дека нема да потклекнат на ниту еден притисок и влијание. Потенцира дека ќе работат независно и објективно, ќе бидат транспарентни, одговорни и ќе бидат отворени за соработка.

Во врска со прашањето дали смета дека треба да се донесе некое дополнително законско решение за да може да има поголеми ингеренции ДКСК, Димитровска одговори дека уште не е момент да говори на тоа прашање и потенцира дека Комисијата ќе ја разгледа целокупната законска регулатива и доколку сметаат дека постојат недоречености или слабости во истата ќе преземаат мерки за надминување на истите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ