„Срамно е да ги гледаме вака граѓаните каде стојат и се туркаат за да добијат личен документ, а уште поголем срам е нефункционалноста на Министерството за внатрешни работи да ја спроведе целата постапка. Истата не е изнудена од вчера, таа беше планирана подолг временски период. Треба да им се каже на граѓаните да, имате рок толку време, дополнително се пролонгира рокот и сето тоа ќе биде бесплатно бидејќи вие не сте виновни за тоа што морате да ги промените сопствените документи“, рече Димитриевски.
Тој дополнително посочува и дека Преспанскиот договор не се почитува и исполнува од грчка страна, за кои вели дека немаат имплементирано ништо од нивните обврски по однос на договорот, а граѓаните го гледаат тоа.
На прашањето дали може да се случи граѓаните да не можат да го остварат своето гласачко право доколку не ги промениле своите лични документи, Димитриевски вели дека не знае за сигурно, но секако не ја исклучува можноста за изборни злоупотреби како што било пример во сите изборни циклуси до сега.
„Имало злоупотреби за време на сите изборни циклуси и јас тоа го почувствував на локалните избори во Куманово многу директно и брутално со инволвирање на голем дел од државниот апарат во изборниот процес, вклучувајќи и злоупотреба на многу поединци кои беа вработени претходно во МВР и други државни институции. Сепак, не верувам дека некој би се дрзнал да оди до толку далеку и да програмира или планира такви активности бидејќи сметам дека народот во тој момент ќе биде крајно разочаран и ќе се почувствува изневерен, злоупотребен и ќе реагира на такво нешто“, порачува Димитриевски.