„Точно е тоа дека во овој период одредени институции поради лимитираните капацитети не можеле да излезат и да ги исконтролираат состојбите, но кога станува збор за пари и финансиски трансакции, се останува вечно. Тоа значи дека на пример можеме и по 12 месеци да направиме контрола и доколку утврдиме неправилности, ќе следуваат казни. Затоа апелирам до сите компании во државата да се почитуваат законите бидејки во некој момент некоја од институциите ќе излезе на терен и ќе направи контрола по што ќе следат драконски казни“, изјави Димитриска-Кочоска.
По денешниот бојкот на маркетите поради високите цени на основните прехранбени продукти, од Управата за јавни приходи најавија дека ќе излезат со информација дали и за колку е намален прометот во трговските ланци.
По примерот на Хрватска и уште неколку држави денеска и во земјава преку социјалните мрежи се повикаа граѓаните да не пазарат. Бојкотот го поддржаа и од Владата, како и дел од партиите.
Податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Во делот на храната и пијалоците се бележи зголемување од 123 денари. Воедно од ССМ, посочуваат дека вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари што значи зголемвање од 10,63 проценти.
Најновите статистички податоци покажуваат дека трошоците на живот во 2024 година во однос на 2023 година бележат пораст од 3,5 проценти, а цените на мало од 3,8 проценти.
Во очекување на бојкотот, дел од маркетите објавија намалување на цените на одредени производи, акции за потрошувачите, а некои од нив дека ќе спроведат попис.