четврток, 6 март 2025

Димитриеска Кочоска: Рано е да се зборува за поголем економскиот раст за 2025

Во овој момент не би ја ревидирала проекцијата за економскиот раст на земјава во 2025 година иако во последниот квартал од 2025 година е постигнат раст од 3,2 проценти што е повисок од очекуваниот,оцени денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Таа кажа дека има поголем интерес од очекуваниот за парите од кредитната линија во износ од 250 милиони евра од унгарскиот заем наменет за компаниите.

Објавено на

часот

Сподели

„Секогаш сум многу внимателна во однос на бројките. Убаво е кога бројките покажуваат дека одиме во позитива и во добра насока, но сепак би била многу внимателна. Мислам дека раст од 3,7 проценти за 2025 година, како што ни е проектиран, треба да ни биде целта и да се трудиме тоа да го реализираме. Премногу е рано да зборуваме за било какви корекции во нагорна линија“, рече Димитриеска Кочоска во одговор на прашање по денешното потпишување Меморандум за соработка со Економскиот факултет во Скопје.

Прашана дали е задоволна од растот од 3,2 отсто во последниот квартал од минатата година, рече дека е задоволна и оти очекува уште подобри резултати.

„Задоволна сум со оглед на фактот дека во економијата работите не може да се случат преку ноќ. Очекуваме уште подобри  резултати, но со состојбите на глобално ниво би била среќна ако во првиот квартал од 2025 година продолжиме во насока на повисок раст од тој кој што го остваривме во последниот квартал од 2024 година. Сепак, би се фокусирала на она што беше наша главна проекција, а тоа е раст од 3,7 проценти во 2025 година“, потенцира Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска уште кажа дека има поголем интерес од очекуваниот за парите од кредитната линија во износ од 250 милиони евра од унгарскиот заем наменет за компаниите.

„Добивме информации од сите банки дека побарувачката е многу поголема отколку тоа што го нудиме. Интересот е многу поголем отколку овие 250 милиони евра коишто ги имаме на располагање и ми е многу драго затоа што на почетокот кога тргнувавме во разговори со коморите, имаше одредени изразени сомнежи дали ќе има од македонските компании доволен интерес и дали ќе имаат желба за инвестиции“, рече Димитриеска Кочоска во одговор на новинарско прашање по потпишувањето Меморандум за соработка со Економскиот факултет во Скопје.

Прашана дали се планира ново задолжување за финансирање на компаниите, рече дека прво треба да се искористат 250-те милиони кои сега се на располагање, а потоа да се одлучи што ќе се прави понатаму.

„Јас сега би се фокусирала на овие 250 милиони евра и би застанала тука. Да ги искористиме средствата, а понатаму ќе видиме во втората фаза за одобрување на дополнителни средства и можноста од каде ќе ги изнајдеме дополнителните средства доколку се договоривме за таква втора фаза“, посочи Димитриеска Кочоска.

Како што истакна Министерството за финансии денеска ќе и префрли околу 11 милиони евра на Развојната банка која потоа треба да ги прераспредели на комерцијалните банки, кои, пак, треба да им ги префрлат на компаниите на кои им се одобрени средства од кредитната линија.

„Како министер не би сакала да завлегувам во детали на кои компании се одобрува. Износот којшто ќе го префрлиме денес се околу 11 милиони евра. Повеќе детали да побарате во Развојна банка затоа што ние само ги префрламе средствата, а Развојната банка е одговорна да ги добива податоците од комерцијалните банки. Договорот беше дека овие средства се на располагање за сите останати трговски друштва освен за оние активни корисници на државна помош“, прецизира Димитриеска Кочоска.

Министерството за финансии денеска од централниот Буџет до Развојната банка ја префрлило првата транша од 10,4 милиони евра, средства наменети за поддршка на домашните компании од унгарскиот заем. Како што соопштија претходно денеска од Министерството за финансии, трансферот бил реализиран по доставено барање на Развојната банка за повлекување на средствата, а по одобрување на проектите од страна на деловните банки. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ