„Со денешните одлуки донесени од страна на Владата влегуваме во последната фаза од операционализација на средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите. Со потпишување на договорите се отвора патот Развојната банка да ги добие средствата од Буџетот, а понатаму да бидат пренесени во комерцијалните банки, учеснички во оваа програма, и оттаму и до компаниите. Односно со потпишувањето на договорите, ќе започне со операционализација на средствата од кредитната линија за финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски друштва во износ од 250 милиони евра во денарска противвредност преку деловните банки“, рече министерката.
Таа додаде дека условите се повеќе од атрактивни со каматна стапка од 1,95%, рок на отплата до 15 години, грејс периодот до 3 години.
Според министерката ова дава огромна можност за домашните компании да се охрабарат и да влезат во инвестиција.
„Целта беше да креираме можности за реализација на одржливи инвестиции и затоа поддршката е насочена во сите сектори за инвестиции во основни средства, за кои домашните компании треба да учествуваат со 20% сопствени средства. Исклучок од оваа широка поставена поддршка се секторот производство или трговија на алкохолни пријалоци, освен на пиво и вино, производство или трговија со тутун, како и дејности поврзани со коцкање, казина и еквивалентни претпријатија“, истакна министерката.
Таа посочи дека задачата на Владата и Министерството е да овозможат фер услови за сите компании, односно како што рече, средствата ќе бидат доделени транспареноста и дека секоја компанија ќе има еднакви можности и исти услови за нивно користиење.
„Поддршката што ја обезбедуваме со оваа кредитна линија ќе поттикне инвестициски циклус од над 250 милиони евра, кој е дел од нашиот нов концепт за економски раст заснован на инвестиции со кој се влијае и на подобрување на продуктивноста на компаниите, предизвик кој беше нотиран во минатиот период. Тоа е бенефитот што го очекуваме од оваа мерка за која Владата вложи навистина големи напори со цел средсвтата да бидат достапни за компаниите по навистина поволни услови“, порача министерката за финансии.