На предлог на членот на ДИК, Абдуш Демири беше отворен доверливиот избирачкиот материјал од ова избирачко место и притоа, како што кажа, недостасуваат две гласачки ливчиња и затоа побара гласањето на ова избирачко место да се поништи и да се разреши Избирачкиот одбор.
Потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху рече дека гласањето се поништува само ако има поголем број ливчиња во гласачката кутија, што не беше така.
Членовите на ДИК гласаа и предлогот на Демири не беше прифатен, а тој најави дека за ова гласачко место ќе има одвоено мислење.
На седницата на ДИК беа прифатени и барања за дополнителни акредитации за вториот круг од претседателските и парламентарните избори на 8 мај.
Членот на ДИК Борис Кондарко потсети дека утре, 30 април, на полноќ завршува рокот за пријавување на болни и немоќни лица за парламентарните избори на 8 мај, со доставување на соодветна медицинска документација до Општинските изборни комисии. Исто така тој нагласи дека прифатените барања на болните и немоќни лица за гласање на претседателските избори на 24 април се важечки за вториот круг од претседателските избори.