сабота, 27 јули 2024

Деспотовски денеска ќе ја поднесе кандидатурата за „Нов почеток, нов СДСМ“

Нов почеток, нов СДСМ е насловот на програмата со која Јован Деспотовски ќе ја бара поддршката за претседател на СДСМ. Тој накави дека денеска и официјално ќе ја поднесе кандидатурата, а потоа ќе одржи и конференција за медиумите.

Објавено на

часот

Сподели

„Во фокусот на оваа програма се луѓето. Оваа програма обединува, а не фаворизира, и во која има место за сите предлози и идеи на луѓето кои искрено ќе се вложат новиот СДСМ да го изгради интегритетот и стекне местото што го заслужува. Програмата нуди конкретни мерки и поинаков пристап во креирањето и во спроведувањето на политиките, целосна одговорност и отчетност на функционерите кон членовите и граѓаните, професионализација на партиските тела со цел поголема ефикасност, како и воведување на култура на прифаќање и почитување на различни ставови и мислења“, вели Деспотовски.

Денеска, еден ден пред истекот на рокот за пријавување, се очекува најавените кандидатури да ги поднесат и поранешните министри во владата на СДСМ Славјанка Петровска и Венко Филипче.

Виктор Божиновски, Александар Бајдевски, Златко Ристовски… се новите имиња кои се споменуваат во јавноста како можни кандидати за претседател на СДСМ. Ристовски, активист на СДСМ од Битола, е првиот кандидат кој вчера и официјално поднесе кандидатура за претседател на СДСМ во партискиот штаб.

Постапката за кандидирање започна на 31 мај и трае до утре. Право да се кандидираат имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите и вредносните, моралните и етичките норми.

За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку пет години членство во СДСМ кој најмалку еднаш бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата.

Внатрепартиските избори се закажани на 30 јуни, а следуваат по оставката на лидерот Димитар Ковачевски кој по поразот на парламентарните избори поднесе оставка заедно со раководството на партијата. СДСМ во недела, на 9 овој месец, ќе одржи и отчетен Конгрес на кој ќе се анализираат причините за изборниот резултат.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ