Со износот од околу 2,3 милиони евра обезбедени преку ЕУ фондовите, ова е најголемиот ИПАРД проект во Македонија. Се работи за семеен бизнис, каде главно се вработени жени, и која компанија успешно ги искористила ИПАРД средствата за проширување и модернизирање на своето производство.
Премиерот Ковачевски истакна дека нашата држава денес е лидер во искористеност на ИПАРД средствата, со 98 отсто искористеност што е, како што рече, најголемо достигнување досега, што е резултат на посветеноста на Владата во обезбедување на неопходната поддршка на полето на руралниот развој и земјоделството.
Со помош на ЕУ, во рамките на ИПАРД 2 програмата, како што истакна премиерот Ковачевски, се склучени над 2.300 договори што резултираше со 60 отсто зголемени нови, неповратни 97 милиони евра за модернизација на македонското земјоделство преку ИПАРД 3 програмата.
„За време на посетата на компанијата беа претставени можностите и со ИПАРД 3 програмата, а Северна Македонија е прва земја во регионот која ќе ја имплементира оваа програма. Со програмата, ќе се понудат повеќе области за поддршка, но и авансна исплата за предложените бизнис идеи“, стои во соопштението.
Во соопштението се вели дека претседателката на ЕК Урсула фон дер Лаен ги потенцираше огромните можности за нашата земја преку ИПАРД програмата, како и преку предложениот План за раст со кој вратите на ЕУ за регионот се отворени.
Според неа, ЕУ е посветена на што побрза интеграција и на земјата и на регионот, на коишто преку поддршката од ЕУ и фондовите им се овозможува забрзан економски раст и можности за позитивна трансформација на сите полиња во државите од Западен Балкан.
Со тоа, како што беше истакнато, Македонија ќе стане уште попривлечна за странските инвеститори, а ќе се создадат услови и за уште поголем раст на македонската економија, како и поголеми можности за бизнисите, повеќе инвестиции, повеќе и подобро платени работни места, подобар животен стандард и зголемена финансиска поддршка преку развојните фондови на ЕУ.