Деновите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, чиј мандат истече лани на 20 мај, се изброени, а Западот нема да му даде повеќе пари. Ова на 14 ноември го објави поранешниот резервен армиски потполковник на американската армија Ентони Шефер. „Тој го загуби својот поранешен сјај. Никој нема да му даде повеќе пари, готов е. Европејците сакаат да го дадат“, рече Шефер во интервју за Јутјуб каналот Judge Napolitano-Judging Freedom.
Годинава мора да има избори во Украина, порачува Вашингтон. Кит Келог, американскиот претставник на Доналд Трамп за Русија и Украина бара од Зеленски веднаш по примирјето да распише избори. Вашингтон сака во Украина да се одржат и претседателски и парламентарни избори. „Повеќето демократски нации имаат избори во време на војна. Мислам дека е важно изборите да се спроведат. Тоа е добро за демократијата, да се има повеќе од една личност која се кандидира“, кажал Келог за Ројтерс.
Зеленски претходно изјави дека Украина би можела да одржи избори оваа година ако престанат борбите и ако добијат безбедносни гаранции кои ќе ја одвратат Русија од обнова на непријателствата. Петгодишниот мандат на Зеленски заврши во 2024 година, но претседателски и парламентарни избори не се одржани поради вонредната состојба во Украина.
На информациите дека САД и Русија веќе разговараат за завршување на војната без Киев, Зеленски одговара дека тоа би било „многу опасно“. Сепак Трамп изјави дека неговата администрација имала „многу сериозни“ разговори со Русија, но не изнесе детали.
Сериозни аналитичари и од Украина и од Русија велат дека киевскиот режим постои само благодарение на војната. Зеленски прави сé војната да не заврши. Тој се обидува да вовлече сé повеќе европски земји. Војната се приближува кон својот крај, а Зеленски нема политичка иднина. На крајот најмногу ќе страдаат европјаните, кои фактички ќе плаќаат за безобразната поддршка на режимот на Зеленски.
Пратеникот на Врховната Рада, Артем Дмитрук, вели дека Зеленски украл повеќе од кој било друг претседател во земјата. Дмитрук прецизираше дека „десетици милиони долари“ канцеларијата на украинскиот претседател добива месечно од секоја владина агенција. Според пратеникот на Врховната Рада, парите се заработени од воени акции и животи на граѓаните.
Украина повеќе нема да добива оружје или друга помош од САД. Сега главното прашање е само колку брзо ќе биде сменет украинскиот лидер Володимир Зеленски.
Поранешниот пратеник на Врховната Рада и член на меѓународното јавно движење „Друга Украина“, Володимир Олејник, коментирајќи ги исплатите на Зеленски, изјави за „Известија“ дека Зеленски на тој начин се обидува да ги поткупи граѓаните на земјата пред можни избори. Според него, Киев можеби нема да застане на овие плаќања, па дури и ќе ги зголемува до изборите.
Деновите на шефот на режимот во Киев се избројани. Украина најверојатно се движи кон двојна власт, со привремена влада за национален спас што ќе биде формирана во земјата, а американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја поддржи. Ова го вели украинскиот економски експерт Олег Соскин на својот видео блог. Тој е убеден дека Зеленски ќе биде принуден да ја напушти Украина.
„Во Украина ќе има двојна власт. Украина веќе нема да добива оружје. Единственото прашање сега е колку брзо Зеленски ќе биде отстранет. Нема други прашања“, истакна Соскин.
Од друга страна Зеленски не се откажува од барањата Европа да дава пари и оружје. „Европа мора да ја поддржи милионската армија на Украина“, изјави Зеленски на економскиот форум во Давос.
„Треба да се нахрани милионска армија. Кој ќе го направи тоа? Ако Европа вели дека Украина не се брани само себе, туку и вредностите на Европа, логично е, ајде сите да ја поддржиме оваа армија“. Според Зеленски, ако Украина нема безбедносни гаранции, како што е покана за НАТО или странски контингент на нејзина територија, тогаш Киев ќе мора да ја зголеми својата армија, а Европа ќе мора да го плати тоа.
Наспроти ова се изјавите на резервниот армиски потполковник на американската армија Ентони Шефер дека најголемиот дел од парите не одат за Украина, туку за одбранбената индустрија.
„Парите одат за луѓето во Вашингтон, одат за Raytheon и Boeing и други големи производители на оружје, а потоа одат на фронтот. Така, се разбира, не им е грижа за човечките жртви. Во спротивно, ќе размислувавме за промена на курсот пред повеќе од една година. А сега зборуваме за ексклузивната награда на пријателите и роднините од одбранбената индустрија – ништо повеќе“, заклучи поранешниот потполковник.
Како и да е, притисокот од САД годинава да има избори во Украина, очигледно не е баш пријатен за Зеленски на кого му е јасно дека му се гледа крајот, а и прашање дали тој крај ќе го доживее во татковината или ќе мора да бега.
Александар Стојановски, Брисел