Обвинителот Ненад Стефановиќ во завршниот збор на судењето во Белград за таткото на извршителот Владимир Кецмановиќ предложи 12 години затвор за тешко дело против општата безбедност и три години за кривично дело запуштање и злоставување малолетно лице и побара единствена казна од вкупно 14 години и 11 месеци затвор, јавува Радио телевизија Србија.
За мајката Милјана Кецмановиќ предложи две и пол години затвор и парична казна од околу 4.100 евра за кривично дело недозволено поседување оружје, а три години затвор за запуштање и злоставување малолетно лице, со единствена казна од пет години и пет месеци затвор.
Обвинителот за инструкторот по стрелаштво Немања Маринковиќ, од стрелиштето во кое таткото го водел синот да вежба пукање, предложи максимална казна од три години затвор за давање лажен исказ за време на истрага.
За таткото на момчето, кој беше уапсен по злосторството во училиштето, побарано е продолжување на притворот и одземање на сето огнено оружје кое го поседува.
Обвинителот за мајката бара дополнителна мерка за приближување, сретнување или комуницирање со синот кој го изврши масовното убиство бидејќи околностите поради кои таа мерка е одредена „не изгубиле на значење“. Момчето по убиството е сместено во посебна психијатриска установа.
Масовното убиство во училиштето Владислав Рибникар на 3 мај 2023 е злосторство незапаметено во поновата историја на Србија.