петок, 18 октомври 2024

Денес нема да има увид по пожарот во кумановскиот суд, проценката е дека не е безбедно

Објавено на

часот

Сподели

„Увидот е одложен поради укажувањата на командирот на ТППЕ Куманово кој ни објасни дека не е безбедно и дека ќе има пожарна стража до утре. Останува утре да се изврши увидот, доколку се обезбедат сите услови“, изјави Бедиу Рамадани.

Покрај Рамадани, во увидот ќе учествува и дежурен обвинител од ОЈО Куманово, вишото обвинителство организирало да дојде и обвинител од Скопје за да се одбегне судир на интереси, бидејќи кумановското обвинителство е сместено во истата зграда. Ќе учествуваат и екипи од СВР Куманово, кримтехника, инспектор за пожари и вешто лице електроинженер. Како што соопшти, увидот ќе го врши таа, дежурен обвинител.

Претседателката на судот, Снежана Манев кажа дека основни проверки се направени. Покрај противпожарната единица во подрумските простории влегле и екипи на полицијата. Во моментов дим нема, но противпожарната единица не дозволува да се влезе.

„Се чека да се спроведе истрагата. Од она што го имаме како информација е дека увидот ќе почне утре и тогаш дефинитивно ќе може да преземеме мерки во средување, решавање на електрична енергија, сè што е неопходно“, изјави Манев.

Таа дополни дека за итните предмети, преку Судскиот совет е овозможено кумановските судии да работат во Кривичниот суд Скопје.

Пожарот во кумановскиот суд избувна вчера во 01.35 часот, по што во текот на денот чадеше во неколку наврати. На терен беа ангажирани 15-тина пожарникари со неколку возила.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ