сабота, 27 јули 2024
Ал џезира

Ден на победата на кој Путин немаше победа за славење

Објавено на

часот

Сподели

Одбележувањето на Денот на победата беше една од најважните прослави низ Советскиот Сојуз. Москва реши поразот на нацистичка Германија во 1945 година да го слави на 9 мај, еден ден по Западот, бидејќи во советската престолнина веќе помина полноќ кога во поразениот Берлин беше потпишан документот за предавање.

За рускиот претседател Владимир Путин, Денот на победата е во сржта на секуларната религија што со сила ја гради 23 години – верувањето дека Русија е и непобедлива и праведна.

Но овогодинешните прослави на Денот на победата истакнаа како Путиновиот култ го поплочи патот за својот сопствен пораз. Постојат две причини за ова: прво, рускиот претседател ја прикажува својата војна во Украина како продолжение на праведната борба што се слави на Денот на победата, но тој не успеа да ја одржи таа измама; и второ, неуспехот на неговата неправедна и крвава војна им овозможува на Украина и на другите источноевропски држави да си го вратат наративот за победата во Втората светска војна.

д

Не може да се потцени колку беше важен култот на Денот на победата за пропагандата на Путин и за легитимноста на неговиот режим. Во текот на изминатите 20 години, парадата за Денот на победата постојано растеше во големина и во помпа.

Путин обнови голем број советски традиции, меѓу кои и прикажувањето големо воено оружје на главните паради на Денот на победата; тој, исто така, ги прифати таканаречените маршеви на „бесмртниот полк“, во кои граѓаните шетаат по улиците со портрети на своите предци што се бореле во Втората светска војна.

Од 2014 година, Кремљ ја меша оваа јавна комеморација со пропаганда и ја прикажува Украина како наследник на нацистичкиот режим. Дури и Музејот на победата во Москва ја комбинира приказната за Големата патриотска војна – како што се нарекува Втората светска војна во Русија – со приказната за конфликтот во Украина.

Но иако нема сомнеж дека во Русија има такви што се измамени од овој наратив, настаните од изминатата година сериозно го поткопуваат.

Само треба да се погледне колку Руси избегаа од земјата во текот на изминатата година. Се проценува дека има меѓу 500.000 и еден милион – повеќе од бројот на оние што беа принудени на задолжителната регрутација што Путин ја воведе минатиот септември, бидејќи немаше доброволци да се борат против „нацистите“ во Украина.

Очигледниот недостиг од ентузијазам кај руското население за „специјалната воена операција“ – како што Кремљ ја нарекува инвазијата од самиот почеток – го принуди Путин да се потпира на платеници.

Најважната битка во последните шест месеци – онаа што се води за Бахмут, град под опсада во украинската област Доњецк – е во рацете на регрутите од приватната воена компанија „Вагнер“ во сопственост на Јевгениј Пригожин, познат и како „Путиновиот готвач“.

д

Последниве денови Пригожин јавно ја изнесува својата расправија со Министерството за одбрана, заканувајќи се дека ќе се повлече од борбата доколку неговите сили не добијат соодветни воени резерви. Јавната расправија веројатно е нешто повеќе од обид да се прикрие фактот дека ниту Пригожин, ниту воените лидери немаат некоја голема победа во Бахмут, ниту на кое било друго место, за да му ја претстават на Путин за Денот на победата.

Што е уште полошо, пред овогодинешните прослави се чинеше дека Русија не може да си ја обезбеди ни сопствената територија. Парадите беа откажани во најмалку шест руски региони поради предупредувања дека би можеле да бидат цел на украински напади. Беше откажан дури и московскиот марш на бесмртниот полк – на кој Путин минатата година лично учествуваше.

Во почетокот на оваа голема инвазија, Кремљ тврдеше дека ќе го освои Киев за три дена. Но 440 дена подоцна, руската армија и нејзините платеници се далеку од победа – дури и во Бахмут.

Сепак, Путин не покажува знаци дека ќе ја промени својата стратегија. Тој отиде предалеку и ја поврза легитимноста на своето владеење со конфликтот во Украина. Тој сѐ уште верува дека може да го дочека моментот кога западната поддршка за Киев ќе секне. Но неговата игра на чекање носи опасности и за Путин, бидејќи војната во Украина го поткопа неговиот легитимитет.

д

Во другите делови на постсоветскиот простор, добива сила еден нов наратив за Денот на победата, наратив што е навистина вкоренет во оригиналниот дух на отпорот кон фашистичката агресија. Во неговото предвечерје, украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи Украина да им се придружи на другите европски земји во прославата на победата над нацизмот на 8 мај, а на 9 мај да се слави Денот на Европа.

Во Втората светска војна загинале поголем процент Украинци во споредба со Руси. Киев денес има целосно право да тврди дека е негова борбата против фашизмот со отпорот кон инвазијата на Путин, а исто така ја има и коалицијата на меѓународна поддршка по примерот на Сојузниците од 1940-тите.

Другите источноевропски земји, како Полска, Чешка, Словачка и Бугарија, исто така, ги укинаа прославите на Денот на победата на 9 мај од времето на комунизмот и сега го слават на 8 мај, заедно со другите членки на ЕУ. Тие, исто така, ги оспоруваат обидите на Кремљ да ги оживее советските наративи за војната и да го минимизира нивниот придонес во поразот на нацизмот.

Ова е важен процес што директно ја доведува во прашање не само пропагандата на Путин, туку и неговото полагање право на наследството.

Пред инвазијата, Путин се пожали дека Западот ја претворил Украина во „антирусија“ и обвини дека украинските сили со помош на Западот се обидуваат да ги избришат рускиот јазик, култура и историја.

Се разбира, неговата приказна за етничко чистење се покажа лажна. Овој мит го разби непријателскиот прием на руските војници од страна на Украинците-говорители на рускиот. Но Путин беше во право за една работа – а тоа е дека Украина се претвора во „анти“ Русија, особено анти – путинистичката Русија.

Со почнувањето на војната во Украина и продолжувањето на оваа смртоносна борба без оглед на руските животи, Путин ја постави основата за сопствената пропаст. Тој не само што го губи секое право на плаштот на Денот на победата, туку и им го предава в раце на противниците на неговиот режим.

Идните Денови на победата ќе го слават поразот и врз нацистичка Германија и врз Путиновата Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ