„Како посветен и антиревизионистички левичар, Хоџа е основоположник на современата албанска држава и прв секретар на Централниот комитет (ЦК) на Комунистичката партија на Албанија, која беше основана со југословенска и советска поддршка. Овој француски студент стана симболот на антифашистичкиот отпор на нашите соседи против италијанската окупација, делувајќи како политички комесар на Народно-ослободителната армија на Албанија“, пишува на фејбук профилот на Левица.
Од партијата потсетуваат на неговото четиридецениско владеење со Албанија, за која како што велат, беше оставена во руини после укинувањето на монархијата, зачекори кон изградба на нови темели.
„Беше изградена првата железничка пруга на нејзина територија, земјата почна со забрзана електрификација, беа искоренети низа епидемиски болести, стапката на писменост беше зголемена од 5 отсто на 90 отсто, државата стана земјоделски независна земја преку колективизација на плодното земјиште, а беше извршена и радикална секуларизација на религијата. Тој водеше беспоштедна борба против локалните великопоседници, клерот и племенските старешини, кои го држеа народот во класна потчинетост и незнаење. За време на неговиот живот успеа да ја трансформира Албанија од полуфеудален вилает на Отоманската империја во индустријализирана планска економија“, пишуваат од Левица.
Според Левица, како тогаш, така и сега „искрената соработка помеѓу слободните балкански народи е можна само преку левичарски политички партии, во услови каде што народите од регионот ќе развиваат рамноправни општества, во хармонија и стабилност, без странско империјалистичко влијание од надвор и корумпирани квислиншки структури од внатре“.
„Новите геополитички прилики кои ги живееме, наговестуваат време на големи промени кон подобро и конечно ослободување на народите од Балканот од уназадувачкото слугување на туѓи интереси. Левица, во духот на интернационализмот, смета дека вистинската политичка еманципација и соживот помеѓу народите е можен само преку доследна социјалистичка платформа која ќе ги елиминира сите појавни форми на експлоатација и класно угнетување на соседните народи“, велат од Левица.
Фото: Фејсбук профил на Левица