Во присуство на стотина членови на семејствата на мировниците, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека е горда на припадниците на Армијата кои се во миротворни мисии, но дека е уште погорда на нивните семејства и дечиња.
„Навистина, многу му благодарам на министерот за одбрана, бидејќи ова што се случува овде нè спојува со нивните родители и мислам дека нема да има погорди од нив на своите татковци во мисиите“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа им порача на мировниците да ја завршат работата професионално и дисциплинирано и да се вратат здрави и живи.
„Бидете во постојан контакт со нас и со вашите семејства и бидете сигурни дека во ваше отсуство ние ќе се грижиме за нив. Нашите мисли се со вас. Она што го правите навистина е за огромен респект. Од срце ви посакувам најубава 2025 година, вам, на вашите дечиња, на вашите семејства“, рече Сиљановска-Давкова.
Началникот на Генералштабот, генералот Лафчиски порача дека на овој традиционален настан семејствата на мировниците имаат можност да видат како Армијата се грижи за своите мировници.
Преку видеоконференциската врска говореа и претставниците на македонската армија кои извршуваат задачи во мисијата на НАТО на Косово, КФОР, ЕУ-операцијата во Босна и Херцеговина – АЛТЕА, мисијата на ООН во Либан, УНИФИЛ и мултинационалните сили на НАТО во Бугарија и Романија.
Предновогодишната активност беше заокружена со традиционалното пристигнување на Дедо Мраз со хеликоптер и поделба на пакетчиња на децата на припадниците на Армијата и вработените во Министерството за одбрана.