среда, 4 декември 2024

Дамјан Давков доби 10.000 евра и стипендија од Бреинстер НЕКСТ факултетот

По два дена исполнети со многу возбуда, знаење и натпреварувачки дух, Македонија го доби шампионот на најголемиот натпревар по математика за средношколци – УлтиМат. Првата 
награда, 10.000 евра, 100 отсто стипендија за студирање на факултетот Бреинстер НЕКСТ и бројни сертификати, му припадна на средношколецот Дамјан Давков. 

Објавено на

часот

Сподели

Дамјан не е непознат во светот на математиката, велат од Бреинстер НЕКСТ.

„Со своето знаење и исклучителни математички вештини, тој досега има освоено бројни награди на домашни и на меѓународни натпревари, вклучувајќи и златен медал на Интернационална математичка олимпијада во Англија што се одржа во јули оваа година“, информираа од Бреинстер НЕКСТ.

Второто место на УлтиМат го освои Алексеј Тасиќ, додека третото место му припадна на Ивано Божновски. И двајцата се наградени со 50 отсто стипендија за студирање на факултетот Бреинстер НЕКСТ, ваучер за НУ Колеџот за средношколци и други сертификати.  НЕКСТ, ваучер за НУ Колеџот за средношколци и други сертификати.

„Алексеј и Ивано, исто како и Дамјан, имаат значајно искуство, награди и признанија од голем број на натпревари, меѓу кои и бронзен медал за Алексеј и пофалница за Ивано на истата Интернационална математичка олимпијада“, информираа од Бреинстер НЕКСТ.

Организаторите на УлтиМат, Бреинстер НЕКСТ факултетот и НУ Колеџот за средношколци кои се дел од Бреинстер груп, изразија задоволство од високото ниво на подготвеност, ентузијазам и посветеноста на сите учесници.

„Дамјан, Алексеј и Ивано се инспирација за сите млади во Македонија. Нивните успеси покажуваат дека со труд и посветеност може да се постигне врвност и ние сме среќни што УлтиМат е платформа која го овозможи тоа. Овој натпревар ја потврди важноста на математиката како алатка за размислување, решавање на проблеми и градење аналитички вештини“, изјави Петар Ниновски, основач на Бреинстер груп.

Дамјан Стојанов, Марко Серафимовски и Марко Митевски, кои се пласираа на 4, 5 и 6 место освоија 50 отсто стипендија на факултетот Бреинстер НЕКСТ, баучер на НУ Колеџот за средношколци и бројни сертификати.

Награди има и за финалистите кои беа рангирани на 7, 8, 9 и 10 место. Тие освоија ваучер за НУ Колеџот за средношколци, серификат за учество на УлтиМат и сертификат за положен приемен испит на Бреинстер НЕКСТ факултетот.

„Не помалку важни се и останатите учесници на УлтиМат кои се пласираа меѓу 10-те најдобри натпреварувачи. Нивното знаење и посветеност заслужуваат поддршка, бидејќи тие имаат огромен потенцијал за понатамошен успех“, истакна Ниновски.

Тој додава дека сите 350 учесници покажаа дека иднината е светла, а дека улогата на образованието е клучна. Награда не изостана ниту за останатите 340 учесници кои добија сертификат за потврда за положен приемен испит за НЕКСТ и ваучер за NU Колеџот за средношколци.

Според анализа на податоците од учесниците, топ 25 натпреварувачи доаѓаат од 12 училишта од Македонија. Од нив, осум учесници се од „Математичкоинформатичката гимназија“-Скопје, четири учесници се од „Јахја Кемал“, Скопје, по два учесници од „Нова Интернешенл Скул“-Скопје, „Алгоритам“-Скопје и „Јосип Броз-Тито“- Битола. Од улилиштата „Орце Николов“-Скопје, „Раде Јовчевски-Корчагин“-Скопје, ОСТУ „Гостивар“, „Ѓорѓи Наумов“-Битола, „Љупчо Сантов“-Кочани, „Мирче Ацев“-Прилеп и „Славчо Стојменски“-Штип имаа по еден учесник во топ 25 натпреварувачи.

„Сакам да упатам искрени честитки до сите училишта кои дадоа свој придонес во успехот на УлтиМат и чии ученици се пласираа помеѓу овие 350 учесници. Овие училишта се симбол на посветеност, квалитетно образование и поддршка на младите математички умови. Нивните ученици се пример за тоа што може да се постигне со упорност и напорна работа. Бреинстер ќе продолжи да вложува во нив за да ги мотивираме да ги следат своите интереси и таленти“, истакна Ниновски.

Награда од 1.500 евра беше доделена и на ДСУ „Математичко-информатичка гимназија“ каде што ученик е првонаградениот Дамјан.

Натпреварот УлтиМат се одржа за прв пат оваа година, но идејата на организаторот е тој да прерасне во годишен натпревар. Предизвикот на УлтиМат го прифатија околу 2.500 средношколци од 28 градови во Македонија кои учествуваа во квалификациската рунда што се одвиваше онлајн.

Од нив, 350 продолжија во останатите четири рудни на натпреварување што се одржаа викендов во Скопје.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ