среда, 4 декември 2024

Дамева поднесе оставка, ги „искара“ пратениците и Владата, a ја пофали меѓународната заедница

Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет, поднесе оставка од функцијата. Одлуката, како што рече, ја донела за да го заштити својот углед, но и угледот на своето семејство. Таа ја пофали и ѝ се заблагодари на меѓународната заедница, им искажа благодарност на мнозинството колеги судии, а ги пофали и медиумите за, како што рече, реалното информирање врз основа на факти. Според неа, Судскиот совет имал интегритет и бил транспарентен и отчетен во изминатата година. Најголем респект, рече Дамева, има за судиите кои не се додворувале на политичарите.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Дамева рече дека изминатиот период Собранието и Владата немаат слух за да обезбедат брза и ефикасна судска власт.

„Политичарите, претсдателот на Владата, изразуваат критики за Судскиот совет, негативен став за судиите. Сметам дека единственото нешто што ми останува е да го зачувам мојот мир и спокојство. Затоа, поднесувам неотповиклива оставка од функцијата. Од политичарите, од собраниска говорница се правеа обиди да се наруши мојот интегритет. Премиерот Христијан Мицкоски изнесе наводи дека во Судскиот совет има кланови и се фалсификуваат записници“, рече Дамева.

Според неа, пратеникот Антонијо Милошоски изнел закани кои повлекуваат кривична одговорност, толкувајќи правна ситуација односно толкувајќи дали и кога на Дамева и истекува мандатот како претседателка на Судскиот совет.

Без да наведе име, Дамева обвини дека од политичар во власта било најавено дека треба да има измени во Судскиот совет, а на местото на сегашните членови да бидат донесени „нивни луѓе“.

Дамева рече дека кога незакоски ја разрешиле, се мислела дали воопшто да се врати во Судскиот совет.

„Долго, многу долго се мислев дали да се вратам како претседател и да останам на функцијата, бидејќи знаев дека поради однесувањето на одредени членови на советот, ќе има критики и опструкции. На тие членови, ставот не им бил самостоен, иако преку образложенијата, изгледало така“, посочи Дамева.

Според неа, политичарите треба да сфатат, дека судската власт е самостојна и независна.

„Длабоко во себе верувам дека судиите се професионални и непристрасни. На тие кои не се, им порачувам: не си играјте со огнот, ја девалвирате судиската функција која не е занает и трговија, туку значи правораздавање. Очекувано е голем број судии кои правораздаваат сами да се огласуваат, а канцерот од нивните редови, сами да го отстрануваат“, рече Дамева.

Таа ја пофали и ѝ се заблагодари на меѓународната заедница, им искажа благодарност на мнозинството колеги судии, а ги пофали и медиумите за, како што рече, реалното информирање врз основа на факти. Според неа, Судскиот совет бил транспарентен и отчетен во изминатата година.

„Пред вас и само за вас, застанува јавноста, која вистинито треба да се информира. Недозоволиво е да се објави напишан текст од политичар, адвокат, со цел некому да му нарушите углед, да го претставите како нечесен, а уште повеќе да обвинувате судии и јавни обвинители и да влијаете врз нив. Тоа не е дозволиво во секоја демократска држава. Не го зборувам ова бидеќи и јас бев изложена на таква ситуација, туку од почит кон судиите и обвинителите, како и јавноста. Слободата на изразување треба да се почитува од секого“, рече Дамева.

Весна Дамева беше избрана за претседател на Судскиот совет на 5 декември 2022 година. Мандатот на претседателот на Советот трае две години без можност за повторен избор.

Лани во април, Дамева беше разрешена од функцијата, а Управниот суд утврди дека таа била разрешена незаконски по што на 3 јануари годинава беше вратена на фунцкијата претседателка на Судскиот совет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ