среда, 4 декември 2024

Дали струшки судија наместо компјутерски, рачно презел предмет за времена мерка одземање на дете од таткото?

Стружанецот Климе Маџароски мака мачи како да си го оствари своето родителско право за да може да го гледа и да се грижи за својот 11 годишен син. Маките на стружанецот почнале кога во 2018 година, во Австралија со сопругата го раскинале граѓанскиот брак, но и покрај тоа заедно се вратиле  во Македонија заради нејзино лекување, а во 2023 година се веначале во црква. По ова, со времена мерка донесена од Основниот суд Струга, синот ѝ бил доделен на мајката која сега, заедно со нејзиното семејство не му дава на Маџароски да го гледа родениот син. Тој се сомнева дека тие сакаат насилно, без волја на детето и без негова согласност да го однесат детето во Австралија. Тој уште обвинува дека струшкиот суд спротивно на законот донел, како што вели тој, криминална одлука.

Објавено на

часот

Сподели

Според сведочењето на таткото Климе Маџароски тој уредно ѝ го предал на мајката малолетниот син, која во петокот на 29 ноември годинава во вечерните часови насилно и со закани кон малолетниот син, без негова согласност го ставила во возило заедно се нејзината мајка и татко и, за Маџароски уште еден непознат човек, австралиски државјанин, по што се упатила кон Скопје на аеродром од каде што требало да заминат во Австралија.

Како што тврди таткото на 11 годишното дете, синот преплашен, плачејќи побарал помош за да ги спречи мајка му и неговите баба и дедо во намерата да го однесат во Австралија. По ова, Маџароски веднаш тргнал кон Скопје, а за сето ова го известил својот адвокат Ѓоко Томоски со молба да преземе нешто пред надлежните иституции.

Адвокатот Томоски објаснува дека веднаш стапил во контакт со полиијата во Струга, а потоа и лично отишол таму за да поднесе кривична пријава по член 198 од Кривичниот законик (КЗ) за кривично дело одземање на малолетник, но од страна на инспекторите не му било дозволено да го искористи ова законско право со образложение дека инспекторите процениле дека во случајот не постои кривично дело иако по закон тие биле должни да направат записник и истиот да го проследат пред надлежен обвинител.

Маките на таткото продолжиле и кога детето било вратено во Струга и барало телефонски од неговиот татко да појде да го земе со образложение дека е затворен во соба и дека врз него се врши психичка тортура со закани дека сакал или нејќел, денеска ќе биде однесен на аеродром во Скопје и од тука пренесен во Австралија.

„Беспомошни сме поради индолентниот пристап на полиијата, обвинителството како и на Центарот за социјални работи кои се должни по службена должност да се вклучат во постапкта. Убедени сме дека постои сценарио за изнесување на детето надвор од Македонија и тоа со помош на надлежните инстутии. Сето ова е од лукративни причини дека на детето му е обезбедена и австралиска патна исправа без знаење на таткото. Таткото смета дека мајката на малотениот син, која боледува од тешка болест и врз која е поставен старател, што значи дека е лице које не може да се грижи сама за себе, веројатно го прави сето ова спротивно од нејзината волја бидејќи истата е под закана и притисок од нејзините родители“, вели адвокатот Томоски.

Судот одлучил уште пред да биде поденсена тужба од страна на мајката

Томоски вели дека времената мерка за одземање на детето од татко е незаконска затоа што и покрај доказите кои ги поднел во корист на таткото, судијата со мерката која ја донел веќе донел пресуда по тужбата на мајката која сѐ уште не е ниту поднесена, туку била само најавена.

„И покрај предложените докази, судот без мислење на Центарот за социјални работи донесе одлука. Исто така укажавме дека со издавање на ваква времена мерка постои опасност детето да биде изнесено надвор од државата, што за жал ваквите наводи се потврдија бидејќи тоа се случи во петокот во попладневните часови кога беше направен обид детето насилно да биде однесено на аеродром во Скопје, но благодарение на реакцијата на малолетното дете кое  во тој момент почнало да плаче, да вришти и да се спротивставува, инволвираните во настанот  веројатно се исплашиле и се вратиле назад дома“, вели Томоски.

Но таткото Климе Маџароски и адвокатот Томоски се сомневаат и се плашат дека доколку надлежните институии и понатака останат индолетни, семејството на мајката на 11 годишното дете може да посегне по порадикални мерки, па без знаење на детето да му дадат седативи и на тој начин да го киднапираат и да го изнесат надвор од Македонија.

„Судот издаде времена мерка да ѝ се предаде детето на мајката иако во одлуката за развод, старателството врз детето го имаат двајцата родители. Барањето за издавње на ваква времена мерка се темелеше дека таткото после разводот го зенамарил детето и самоволно од Австралија дошол во Македонија што е ноторна лага. Таткото Климе Маџароски предложи докази од кои се потврдува дека сите тројца дошле заедно и дека во Македонија од 2018 година по разводот сѐ до поднесување на предлогот за времена мерка функционирале како семејство. За тоа беа приложени и авионските карти дека заедно дошле во државата, венчаница дека во 2023 година во село Мороишта се венчале во црквата, а на детето му правеле роденден и кршетвка. Беа приложени и мислења од Центарот за социјални работи и од училиштето во кое учи детето како и докази на сведоци кои сведочат за нивниот меѓусебен однос“, вели Томоски.

Претседателот на судот сам си го доделил предметот на постапување

Работите дополнително се искомплицирале кога по барање на адвокатот на мајката била изземена судијката која првично постапувала во овој случај.

Адвокатот Томоски се сомнева дека по изземањето на судијката, вториот судија кој го презел предметот и кој воедно е и претседател на струшкиот суд, предметот си го доделил рачно, наместо тоа да биде направено компјутерски, по пат на АКМИС системот.

„Се сомневам дека предметот не е според АКМИС системот бидејќи ако беше така, судечки судија ќе беше друг со оглед на фактот што покрај изземениот судија, има само уште еден судија кој суди предмети од оваа област. Како дошло до тоа претседателот на судот да постапува по овој предмет мене не ми е познато бидејќи како адвокат не добив никаква одлука околу тоа. Покрај ова, освен изземање на судечкиот судија, адвокатот на мајката побара и изземање на целиот струшки суд што значи дека се бара изземање и на претседателот на судот“, вели Томоски.

Таткото на 11 годишното дете Маџароски се сомнева дека сето ова семејството на неговата поранешна сопруга сака да го направи за време на викенд кога институциите не работат и не може да реагираат соодветно, но и покрај тоа, вели тој, нема да се откаже од остварување на своето родителско право.

„Одлуката е обжалена иако истата беше донесена експресно. Сега се манипулира со жалбата и не му се достваува на адвокатот на мајката само за да се купи време иако овие постапки се брзи. Ќе го известиме Судскиот совет, министерот за правда, ќе пријавиме до внатрешна контрола во МВР, сѐ со цел да се спречи носење на одлуки спротивно од законот кој мора да биде еднаков за сите“, вели адвокатот Ѓоко Томоски.

И.О.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ