четврток, 23 јануари 2025

Дали случајот со доделено дете на осуден сторител на семејно насилство е тест за интегритетот на судскиот систем?

Македонскиот правосуден систем е исправен пред тест кој ќе ја дефинира неговата зависност, односно независност и веродостојност. Случајот на доверување на четиригодишно дете на татко осуден за семејно насилство отвори бројни прашања за различен тип на влијанија, во кој што Основниот суд Охрид на два пати доделува старателство врз дете на осуденик за семејно насилство.

Објавено на

часот

Сподели

Адвокатите на мајката велат дека пресудата на Основниот суд Охрид е противправна.

Охридскиот суд не зел предвид определена надлежност од Министерство за социјална политика, демографија и млади како и ниту еден доказ на мајката

Од предложените докази од страна на мајката во постапката, Основниот суд Охрид не прифатил ниту еден од нив и донел пресуда со која малолетното дете се доделува на чување, воспитување и делумно издржување кај таткото, „сѐ додека постојат услови за тоа“. Воедно на мајката ѝ се определува да плаќа  месечна издршка за детето, како и да плати трошоци на судската постапка.

Исто така судот постапувал без да се води кон определената надлежност на центар за социјални работи во постапката, која надлежност ја определило Министерството за социјална политика, демографија и млади. Во образложението на судот кој се однесува на тоа кој центар за социјална работа бил надлежен да предложи кому да му биде дадено детето на чување, меѓу другото пишува дека известувањето на Министерството за социјална работа, демографија и млади дека ЈУМ ЦСР Охрид е ненадлежен да постапува, е земено предвид, но немало влијание врз одлучувањето на судот.

„Ова од причина што во текот на целата постапка не е случен никаков судир на надлежности помеѓу двата центри за социјална работа. За да има судир на надлежности меѓу центрите потребно е и едниот и другиот центар сами да се прогласуваат за месно надлежни за давање мислење за доделување на малолетникот. Во овој случај такво нешто нема, а видно од известувањето до адвокатот е дека тој побарал од министерството да решава за некаков непостоечки судир на надлежности меѓу двата центри за социјална работа“, се наведува во дел од образложението на пресудата.

Охридскиот суд не ги прифатил ниту доказите дека таткото е прекршочно осуден за лажно пријавување ниту пак доказот дека психосоцијалниот третман определен како мерка за превенција од семејно насилство за таткото завршил неуспешно.

„Изречената пресуда нема никакво влијание врз родителските капацитети на таткото, а и од причина што мислењето на ЈУМ ЦСР Охрид е малолетникот да се додели кај таткото. И извештајот за психосоцијалниот третман немаше значење за поинакво одлучување, бидејќи во овој случај се одлучува за доделувањето на детето кај еден од родителите, а не се одлучува за психосоцијалните третмани на таткото. При одлучувањето судот ги имаше во предвид и наводите на тужената-противтужителката за тоа дека биле водени постапки за семејно насилство против тужителот-противтужениеот, но и овие наводи немаа значење за поинакво одлучување од прилините наведени во претходните пасуси на оваа пресуда“, се наведува во образложението на пресудата.

Крајно, заклучува Основниот суд Охрид, пресудата се заснова на последното издадено мислење на ЈУМ ЦСР Охрид од август 2024 година според кое малолетникот треба да му биде доделен на чување на таткото.

Проблематична пресуда, не е заснована врз доказите  

Како што објаснуваат од адвокатскиот тим, пресудата на Основниот суд Охрид има три клучни проблеми.

Првиот се однесува на тоа дека одлуката на судот е донесена врз основа на ненадлежен Центар за социјална работа.

„Основниот суд Охрид донел пресуда врз основа на мислење од Центар за социјална работа (ЦСР) Охрид, кој според Министерството за социјална политика, демографија и млади немал надлежност за овој случај. Надлежен бил Центар за социјална работа Скопје, кој дал мислење дека детето треба да биде доверено на мајката. И покрај јасното мислење на ЦСР Скопје, судот во Охрид го игнорирал и донел одлука во корист на таткото“, вели адвокат Никола Димитровски.

Вториот клучен проблем во пресудата на Основниот суд Охрид е недостаток на интердисциплинарна работа при постапувањето на ЦСР Охрид, и третиот, но не помалку важен и исто така клучен проблем се сомнителните сведоштва на сведоците кои во ваквите постапки согласно законските одредби се ирелевантни.

„Инспекцискиот надзор утврди дека стручниот тим на ЦСР Охрид не спровел детална анализа ниту ја вклучил мајката во процесот. Не биле почитувани законските одредби за тимска и стручна работа, предвидени со Законот за семејство. Судската пресуда се базирала на сведоштва на лица блиски до семејството на таткото, а вештачењето е изготвено од докторка без лиценца за таква постапка“, објаснува Димитровски.

Поради скандалозното постапување на судечкиот судија и донесената пресуда на Основниот суд Охрид, адвокатите на мајката поднеле претставка до Судскиот совет со кои бараат утврдување на одговорност против судијата Ефтим Попески. Велат дека до сега одговор не добиле.

Охридскиот суд „жешкиот костен“ пак ѝ го „врати“ на Апелација Битола

Сепак адвокатите сметаат дека оваа за нив, неправда може да биде исправена со правична одлука што ќе ја врати довербата на граѓаните во институциите и правосудството.

Случајот сега е во рацете на Апелацискиот суд Битола, кој одлучува по жалбите поднесени од адвокатите на мајката.

Адвокатите велат дека оваа институција има можност да ја исправи неправдата и да покаже дека системот може да работи во корист на граѓаните, затоа што ова не е само индивидуална борба на една мајка за своето дете туку борба за правичност, заштита на основните човекови права и враќање на довербата во правосудните органи.

„Исправувањето на оваа пресуда не само што ќе го заштити правото на детето и мајката, туку ќе испрати порака дека законот е посилен од влијанијата и корупцијата. Затоа јавноста и медиумите мора будно да го следат овој случај. Пресудата ќе покаже дали македонското правосудство е подготвено да се ослободи од сенката на влијанијата и да го врати својот интегритет. Граѓаните имаат право да бараат правда и одговорност од институциите што се повикани да ги заштитат. Затоа овој случај е пресвртница за македонското судство“, велат адвокатите.

Од Апелацискиот суд Битола добивме одговор дека по овој случај сѐ уште се постапува и дека сѐ уште не e донесенa судска одлука.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ