Пратеничката на Левица, Јована Мојсоска, преку социјалните мрежи изрази сомнеж за причините поради кои еден од осомничените ќе оди во притвор, а другиот во домашен притвор, иако, според неа, станува збор за ист случај.
„Капушевски оди во притвор, Пуцко Петрол во куќен притвор. Која е разликата помеѓу Капушевски и Пуцко Петрол, што обвинителот го преиначи барањето за притвор во куќен притвор?“, напиша Мојсоска.
Таа истакна дека во последните години имало повеќе случаи на бегства на осомничени бизнисмени и политичари, како што е примерот со Васко Ковачевски, кој, како што тврди, е поврзан со истата афера.
„Откако избега Васко Ковачевски (кој директно е поврзан со набавката на мазут каде е замешан Пуцко Петрол), како обвинителот проценил дека нема опасност за бегство во случајот со Пуцко?! Во конкретниов случај, веќе има едно лице кое е недостапно за органите на прогонот, а сепак Обвинителство проценува дека нема опасност за бегство,“ нагласи Мојсоска.
Според неа, селективноста во Обвинителството е директно поврзана со раководењето на ОЈО за организиран криминал и корупција од страна на Ислам Абази, кој, како што тврди, важи за близок до лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Со ОЈО-ГОКК, кое бара куќен притвор само за Пуцко, раководи куќниот пријател на Ахмети, Ислам Абази. Затоа од ДУИ функционер не смее да оди во притвор,“ заклучи пратеничката.
Очекувањата се дека Обвинителството ќе даде дополнителни појаснувања за различниот пристап кон двајцата осомничени, додека истрагата за случајот продолжува.