сабота, 19 октомври 2024

Далекусежните еколошки последици од пожарите на Хаваите

Објавено на

часот

Сподели

Истовремено тие нагласуваат дека влијанието на екстремните временски услови предизвикани од климатските промени врз заедниците е неоспорно, пишуваат светските медиуми.

Во пожарите што го зафатија хавајскиот остров Мауи во моментов фокусот е на настраданите луѓе, на изгорените куќи и на другиот имот. Меѓутоа, ќе дојде време кога вниманието ќе се насочи на домашните растенија и диви животни, кои имаат културно значење за автохтоните Хавајци и за локалната економија и кои придонесуваат за развојот на туризмот на островите, пишува Вашингтон пост.

Експертите особено се загрижени поради влијанието врз домашните растенија и животни откако пожарите ја зафатија вегетацијата, кои веројатно оставија зад себе отровни хемикалии што лесно би можеле да стасаат во потоците и во океаните, истакнува весникот, додавајќи дека првенствена грижа се коралните гребени покрај бреговите, на кои истекот на водите и отпадот од копното им се главни закани.

Џенифер Смит, експертка за коралните гребени од Калифорнискиот универзитет во Сан Диего, вели дека седиментите, пепелта и шутот би можеле да ги затрупаат гребените ако влезат во океаните. Таа додава дека гребените исто така би можеле да бидат изложени на ризик од цветањето на алгите, кои можат да прераснат и да ги задушат коралите.

Пожарите, нагласува Вашингтон пост, исто така би можеле да претставуваат закана за автохтоната вегетација на копното, иако експертите велат дека во некои аспекти факторите што ги направија шумските пожари толку разорни, веројатно ќе го ублажат нивното влијание врз домашната флора и фауна.

Пожарите, појаснува весникот, ги влошија исушениот пејзаж и ширењето на запаливите инвазивни треви по напуштените земјоделски полиња.

Експертите предупредуваат дека шумските пожари на Хаваите директно ги убиваат билките и животните, а исто така го забрзуваат ширењето на неавтохтоните треви кои полесно се враќаат по пожарите, потиснувајќи го повторното растење на домашните видови и создавајќи повеќе гориво за следниот пожар.

Иако сочинуваат помалку од еден процент од копното на САД, на Хаваите се наоѓа 44 отсто загрозен растителен свет во земјата. Додека некои домашни растенија можат постепено да закрепнат од шумските пожари, други веројатно ќе бидат спржени без можност повторно да пораснат, велат експертите. Сè уште нема јасни податоци за тоа што е точно изгубено, но научниците стравуваат дека штетата е огромна, истакнува Ен-би-си њуз.

„Постојат неизмерливи количества еколошка штета, дури и од дождот по пожарот“, вели Венкатараман Лакшими, професор по инженерство на американскиот Универзитет Вирџинија. „Хидролошките екстреми – поплавите, сушите, лизгање на земјиште, вечниот мраз, топењето и шумските пожари – стануваат сè почести и со сè поголеми размери.“

Хавајските ботаничари, кои со години работеа на проекти за обнова на шумите, велат дека неизбежната загуба секако ќе се почувствува во годините што доаѓаат.

„Многу домашни видови на Хаваите не се отпорни на оган“, кажа ботаничарката и истражувачка на околината Кети Камеламела.

Вулканските острови на Хаваите, разновидноста на биомите и изолацијата од континенталниот дел на САД овозможија раст на видови што се различни од тие што се среќаваат на други места, рече Камеламела, нагласувајќи дека цвеќето како коолоауле и пуаале одамна е загрозено и може да се најде само на архипелагот.

Во деловите на Хаваите што стануваат сè посушни пожарите секогаш беа закана. Камеламела вели дека веќе го видела нивното влијание. Како ботаничарка, работела на пошумувањето, полека искачувајќи се по угорнина, обновувајќи го изворниот растителен свет на островите. Сето тоа може да се избрише со една искра, рече таа.

Некои домашни билки може постепено да се обноват од пожарот. Други, рече таа, „се непоправливи, стануваат целосен кибрит“.

Освен изгорениот имот, луѓето што се враќаат во тоа што остана од крајбрежниот град Лахаина на Хаваите и во другите заедници на Мауи по пожарот се соочуваат со уште повеќе опасности, ги пренесува ЦБС предупредувањата на експертите.

Кога пожарите ќе се прошират во заедниците, изгоруваат структури што содржат обработено дрво, пластика, бои и опасен куќен отпад. Сите овие предмети, укажуваат експертите, ослободуваат отровни гасови и честички. Многу загадувачи во воздухот паѓаат на почвата, кога шутот или прашината ќе се кренат, опасните честички може да влезат во воздухот каде што луѓето лесно можат да ги вдишат.

Хемикалиите исто така можат да ги загадат резервите вода, истакнува Си-би-ес додавајќи дека на 11 август округот Мауи издаде предупредување за користењето на истечната вода за подрачјата Лахаина и Горна Кула, кои беа погодени од шумските пожари, предупредувајќи ги жителите за пиење и за готвење да користат само вода во шишиња и да не користат истечна вода од чешма поради ризик од штетни хемикалии.

Лахаина се протега по должината на западниот брег на Мауи и веќе долго е популарно место за набљудување на морски желки и други морски животни. По пожарите, експертите предупредуваат дека животот во морето би можел да биде загрозен од загадувачите од изгорените згради, бродови и пристаништа на брегот.

По пожарот во Колорадо во 2021 година, каде што се уништени околу 1.200 објекти, со чистење се отстранети 300.000 тони отпад. Во Мауи, истакнува Си-би-ес, шутот можеби ќе мора да се однесе од островот, па чистењето и закрепнувањето од катастрофата со овие размери би можеле да траат со години.

За разгорување на пожарот, во кој настрадаа повеќе од 90 луѓе, а Лахаина, историски град и популарен туристички центар со околу 12.000 жители, е уништен, придонесоа силните ветрови, умерената до голема суша и инвазивните треви, укажува Волстрит џурнал.

Ветровите на ураганот Дора, ураган од 4-та категорија, го разгореа пламенот на островот, додека брзината на ветрот на 8 август достигна повеќе од 90 километри на час, истакнува весникот, додавајќи дека ветровите од падините на планината го сушат воздухот, влошувајќи ги опасните услови.

Западниот дел на Мауи, каде што беснеа пожарите, беше погоден од сериозна суша поради недостиг на дожд, рече Грег Карбин, шеф на прогностичките операции во Центарот за временска прогноза на Националната метеоролошка служба.

Падот на земјоделското производство исто така го зголемува ризикот од шумски пожари, вели Клеј Трауернихт, експерт за пожари од универзитетот Хаваи во Манои. Земјиштата што некогаш се користеле за одгледување ананас или шеќерна трска сега се полни со трева висока до половина, која не е изворно од Хаваите, рече тој, нагласувајќи дека без дожд тревата брзо се суши и е запалива.

Трауернихт истакнува дека недостигот на земјоделско земјиште им го отежнува на пожарникарите вршењето на работата, додавајќи дека како што исчезнуваа фармите, така исчезнуваа и патиштата и резервоарите вода што ги користеле земјоделците, а тоа на пожарникарите им го отежнувало доаѓањето до местото на пожарот и неговото гасење.

Експертите нагласуваат дека климатските промени ја зголемуваат веројатноста за ненадејни суши, како и други екстремни временски настани како што е случај на островот Мауи, каде што загинаа десетици луѓе, а историскиот туристички град е опустошен, пишува Асошиејтед прес.

Мауи доживеа зголемување на силината на сушата за две категории во само три седмици од мај до јуни, а тоа брзо интензивирање одговара на дефиницијата на ненадејна суша, рече Џејсон Откин, атмосферски научник од Универзитетот Висконсин. Пред пожарот е забележано дека околу 83 отсто од територијата на островот било или ненормално суво или во умерена или силна суша.

Истовремено, големите разлики во притисокот на воздухот доведоа до невообичаено силни пасати кои разгоруваа разорни пламени, според тврдењето на метеоролозите. Пасатите, додава АП, се нормална карактеристика на климата на Хаваите, кои се создаваат тогаш кога воздухот се движи од системот на висок притисок северно од Хаваите во подрачјето на низок притисок на југот на државата.

Меѓутоа, ураганот Дора, кој минатата седмица помина јужно од островот, го влошува системот на низок притисок и ја зголемува разликата во притисокот на воздухот создавајќи “необично силни пасати“. Хавајскиот државен климатолог, Пао-Шин Чу, кажа дека бил затечен од ударот на Дора, иако беше оддалечена од Хаваите приближно 800 километри.

Силните ветрови, во комбинација со ниската влага и изобилството на сува вегетација што лесно изгорува, можат да ја зголемат опасноста од пожари, дури и на тропски остров како Мауи, истакнуваат експертите со предупредување дека климатските промени во многу делови на светот ја зголемуваат сувоста на вегетацијата, во голем дел затоа што температурите се повисоки.

Климатските промени не само што го зголемуваат ризикот од пожари со подигањето на температурите, туку и ја зголемуваат веројатноста за посилни урагани, укажува АП на предупредувањата на експертите со заклучок дека иако не може да се каже дека климатските промени директно предизвикуваат одделни настани, експертите велат дека влијанието што го имаат екстремните временски услови врз заедниците е неоспорно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ